Курц сака да стане најмлад канцелар

Од:

Дојче веле – Бон

Со само 30 години тој има намера не само да стане канцелар на Австрија, туку сака на својата земја да и обезбеди и повеќе моќ на светската политичка сцена. Предупредува дека не сака никакво „мешање” од страна на Турција.

Да се нарече Себастијан Курц амбициозен, би било исто како кога би го споредиле ураганот со лесен дожд. Тој во 2013 година на 27 години успеа да стане најмлад министер за надворешни работи на светот, а порано оваа година стана претседател на една од најсилните партии во Австрија – конзервативната Австриска народна партија (ОВП).

Партијата ОВП која моментално е на власт во коалиција со социјалдемократите СПО, веднаш повика на вонредни избори во ноември 2017 година. Но, овојпат Австријците кои го поддржуваат Курц нема да гласаат за ОВП туку за „Листата на Себастијан Курц”. Носител на листата е министерот за надворешни работи, а на неа се наоѓаат уште низа кандидати кои ги поддржува ОВП.

Целта на Курц е не само да стане најмлад канцелар во историјата на таа земја, туку да ја насочи својата земја кон поконзервативна миграциска политика, да го спречи радикалниот исламистички тероризам, „да го растури стариот систем” на политиката и да ја доведе својата нација на посилна позиција во Европа.

Курц веќе сега е најпознато лице во австриската политика, по познат и од канцеларот Кристијан Керн. Курц беше тој кој со насмевка се ракуваше со претседателот на Иран Хасан Рохани за време на претходните преговори за иранската нуклеарна програма во 2014 година.

Неговите изјави ги полнеа насловите во медиумите во 2015 година, кога повика на поефективна контрола на надворешните граници на ЕУ, за време на бегалската криза.

Невладините организации произведуваат „хаос”

Курц во интервју за „Велт ам Сонтаг” ја претстави својата визија за иднината, ако седне во канцелариската фотеља во ноември. А таа визија вклучува крај на „хаосот” кој настана со вклучување на невладините организации во бегалскиот бран, но и дека нема да дозволи „мешање” на турскиот претседател Ердоган во изборите во Европа. „Имам сила и волја да го растурам застарениот систем” – рече тој за овој весник и тоа почнувајќи од тоа како ЕУ се справува со милиони бегалци кои стигнуваат на европскиот брег бегајќи од подрачја погодени од судири и сиромаштија.

„Некои невладини организации веројатно имаат добра намера (со пресретнувањето на илегалните мигрантски бродови во Средоземното море)” – рече Курц, „но сепак на крај тие не придонесуваат за добри резултати, туку произведуваат само хаос”.

За да се запре тој „хаос” Курц сака да ја спречи „економската миграција” во ЕУ за која јасно вели дека е поинаква од тие кои се поттикнати од војна и насилства во земји како што е Сирија. Тој тоа има намера да го направи во соработка со либиската влада и затворањето на т.н. „Балканска рута”, која мигрантите ја користеа за да дојдат од Грција во западна Европа.

Брзо ги отфрли коментарите на Берлин дека либиските бегалски кампови можат да се споредат со „концетрациони логори”.

Кога новинар за време на интервјуто го нарече „човек со ладно срце”, Курц го отфрли тоа обвинување истакнувајќи: „Јас сакам да спречам илегална и неконтролирана миграција. Во исто време во целост ја поддржувам помошта на теренот за земјите во развој, како и создавање на патишта за легална миграција во Европа”.

„Никакво мешање на Турција не доаѓа предвид”

Последна работа која Курц ја потенцира во интервјуто е дека ниту Германија ниту Австрија нема да толерираат какво било мешање од надвор во своите претседателски избори. Претседателот на Турција Ердоган во петокот порача на турската заедница во Германија да не гласаат за ниту една од големите германски партии на изборите на 24 септември.

Сред тензичната состојба во спрега со авторитативниот напад на Турција на опозицијата во медиумите – што доведе до тоа Анкара да уапси неколку германски државјани – Ердоган рече дека „ги повикува своите земјаци да не прават грешка” гласајќи за канцеларката Ангела Меркел.

Градоначалникот на Анкара Мелих Гокцек подоцна истиот ден, претседателот на германската партија на Зелените Џемо Оздемир, кои и самиот е дете на турски мигранти во Германија, го нарече предавник и „арменски слуга”.

– Курц јасно го предупреди Ердоган да „се држи подалеку од нашите избори”. „Ако Ердоган или неговите министри планираат било што слично со претстојните австриски избори, сакам јасно да ставам до знаење дека нема да прифатиме никаков вид на мешање. Турција е важен сосед на (Европската унија) со која мораме да соработуваме ако е тоа неопходно” – рече австрискиот министер за надворешни работи и без било какво спомнување на можно членство во ЕУ за Анкара, тој додаде – „почитувајќи ја демократијата и човековите права”.

Би можело да ве интересира

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Русија ја прекина испораката на гас за Австрија поради спор околу плаќањето

Горан Наумовски

Пронајдено телото на двојниот убиец од Австрија по кого полицијата трагаше со денови

А1он

Пронајден е автомобилот на убиецот Роланд Дрекслер, полицијата интензивно трага по него

Австриската полиција трага по убиецот на градоначалникот на општина Кирхберг

Убиство во Австрија: Ловџија усмрти градоначалник