Првиот меѓу еднаквите, спикеррот Трајко Вељаноски во интервју за МИА призна дека тој ја издал наредбата за отстранување на опозициските пратеници во понеделникот.
Вељаноски жали за случувањата во Парламентот во понеделникот, но тврди дека бил принуден да го одржи редот во пленарната салa и да создаде елементарни услови за работа.
Вељаноски тврди дека во сите случаи во инцидентите во Собранието постапено е согласно Деловникот, Уставот и законите и испочитувана е процедурата за донесување на буџетот.
„На координативната средба непосредно пред седницата ги запознав присутните, меѓу кои и потпретседателот Јани Макрадули и координаторот на НСДП и ЛП Горан Мисовски, дека согласно член 43 од Законот за Собранието на Република Македонија ќе дадам одобрување на овластените службени лица на органите на државната управа за постапување согласно споменатиот член. Одобрувањето беше доставено до одделението за внатрешен ред на Собранието веднаш по завршување на координацијата“, изјави Вељаноски во интервју за МИА.
|Деловник на Собранието на Република Македонија пропишал посебна глава за одржување на редот во Собранието. Никаде не е предвидена употреба на сила или влечење и исфрлање на пратеници.Еве го интегрално делот од деловникот:
6. Одржување на редот
Член 91
За одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.
За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот.
Член 92
Претседателот на Собранието ќе го опомене пратеникот ако со своето однесување, со земање на збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор на говорник или со слична постапка го нарушува редот на седницата.
Претседателот на Собранието ќе му го одземе зборот на пратеникот, кога тој со својот говор на седницата го повредува редот, а на истата седница два пати е повикан да се придржува за редот на седницата.
Член 93
Претседателот на Собранието го отстранува пратеникот од седницата, кога и покрај опомената, односно одземањето на збор го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието.
Пратеникот кој е отстранет од седницата, должен е веднаш да ја напушти салата во која се одржува седницата.
Ако претседателот на Собранието не може да го одржи редот на седницата, ќе одреди краток прекин на седницата.