На четири археолошки локалитети – во античките градови Стоби, Хераклеја и Баргала и во некрополите во Исар Марвинци – годинава се ископани 50.000 артефакти, од кои 3.200 се претставени на шестата годишна изложба „Археолошка Македонија 2012“ која денеска беше отворена во Музејот на Македонија.
Покрај истражувањата на овие локалитети, се работело на документација и инвентаризација на материјалот од 16 други археолошки наоѓалишта во Македонија.
Отворајќи ја изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека новооткриените артефакти на четирите локалитети го поткрепуваат и го потврдуваат идентитетот на македонската историја и оти се несоборлив доказ за наследството создавано низ милениумите.
– Во текот на истражувачката акција на овие локалитети беа откриени многу движни предмети од различни периоди на настанување, датирани од 8 век п.н.е. до крајот на ранохристијанскиот период, 5-6 век. Стручните екипи на оваа изложба внимателно селектираа вредни артефакти од камена пластика, релјефи со флорална орнаментика, значајни примероци од активноста на ковање монети во античкиот период, како и керамички форми кои хронолошки ги отсликуваат овие периоди и говорат за носечката улога на Македонија во историското созревање на Европа, рече Канческа-Милевска.
Директорот на Управата за културно наследство Паско Кузман информираше за тоа што е истражувано во 2012-та. Во Стоби се откриени 47 гробови, се работело на полукружниот плоштад на улицата Виа Сакра, во Епископската базилика и била ивршена конзервација на повеќе мозаични подови од разни објекти во тој антички град. Во Баргала се работело на дел од базиликата и надвор од неа, како и во некрополата каде се откриени пет ѕидани, монументални гробници од доцноантичкиот период. Во Исар Марвинци годинава се истражувала југозападната некропола каде се откриени 20-ина гробови, а во Хераклеја, западно од театарот, е откриен 40 метри долг гимназион, како и голем број движен материјал.
– Овие четири локалитети ги избравме зашто се главни археолошки центри во Македонија, кои нудат многу материјали – покрај тие што се за презентирање, и материјали кои во научна смисла ќе придонесат многу за афирмација на македонската археологија, рече Кузман.
Во изминатите шест години на 23 локалитети низ Македонија се откриени 480.000 примероци. Избор од нив ќе биде во постојана поставка на Археолошкиот музеј во изградба, за да сведочат за дострелите на минатите цивилизации на македонско тло.