Американскиот Стејт департмент соопшти дека бил извршен нов „мистериозен звучен напад“ врз персоналот на амбасадата на САД во Хавана. Инцидентот се случил во август, осум месеци по последниот таков случај, регистриран пред крајот на минатата година.
Според Стејт департментот, досега 19 американски дипломати се жртви на таквите напади, кои пријавиле здравствени проблеми, како што е губење на слухот и силни главоболки.
Унијата на американските дипломатски службеници и на Американци вработени во странство тврдат дека некои од загрозените дипломати се здобиле со полесни повреди на мозокот и трајно губење на слухот.
Владата во Куба уверува дека нема никаква поврзаност со ваквите случувања и уверува дека покренала истрага за утврдување на начинот на нападите врз странските дипломати и членови на нивните семејства.
Американски истражни органи извршиле детален претрес во домовите на дипломатите во Хавана, барајќи уреди за кои верувале дека се штетни за нивното здравјето, но потоа соопштија дека не се пронајдени никакви апарати.
Засега е познато дека луѓе од персоналот на американската Амбасада, како и еден канадски дипломат, се жртви на „звучните напади“ во Хавана.
За овој случај првпат се дозна на почетокот од минатиот месец, кога САД објавија дека протеруваат двајца кубански дипломати во Вашингтон, „бидејќи властите во Куба не прават ништо за да ги заштитат американските дипломати“.
Медиумите во САД, повикувајќи се на експерти, пишуваат дека посебна звучна опрема може да се користи за емитирање на нечујни звучни бранови, што предизвикуваат оглувување.