Турската Црвена полумесечина обезбеди помош за луѓето на кои им е потребна во 32 земји по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, објави весникот „Сабах“.
Добротворната организација испрати хуманитарна помош во храна и облека во земји во Африка, во Азија, како и во Босна и Херцеговина и во Албанија.
Јавниот интерес во Турција за добротворната кампања на Турската Црвена полумесечина е многу голем, каде стотици илјадници Турци одговорија на повикот да донираат. Меѓу познатите личности кои донираа пари во рамките на кампањата се турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, како и премиерот Бинали Јилдирим.
Кон почетокот на неделата, раководителот на истанбулскиот огранок на Црвената полумесечина Илхами Јилдирим беше во Албанија, каде ги предаде пакетите со помош на над три илјади сирачиња.
Друга хуманитарна организација – Фондацијата за човекови права и слободи, исто така организира добротворна кампања по повод Курбан Бајрам, наменета да се укаже помош на околу два милиони лица.