Вељаноски: Редот и поредокот мора да се почитуваат, а државата да функционира

Од:

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во интервју за МИА вели дека жали за случувањата во Парламентот во понеделникот, но тврди дека бил приморан да го одржи редот во пленарната салa и да создаде елементарни услови за работа. Истакнува дека е постапено согласно Деловникот, Уставот и законите и оти e испочитувана процедурата за донесување на Буџетот. Наведува дека во неговата професионална, но и лична кариера не бил исправен пред потешка одлука, особено заради тоа што е поврзана со колеги пратеници. Детаљно зборува за настаните во законодавниот дом, за нападот врз него од страна на опозициските пратеници. Вељаноско нагласува дека биле направени максимални напори да се изнајде решение и искористени сите можности за деблокирање на донесување на Буџетот, но оти опозицијата не прифатила ниту еден од дадените предлози и го злоупотребила Парламентот за своја ултимативна пресметка со Владата. Смета дека севкупната партиска поларизација во општеството се прекршува токму преку Парламентот, и оти не може правото на малцинството да го суспендира правото на мнозинството. Одговара на обвинувањата на опозициските пратеници дека не им биле одземени картичките за пријавување за збор, за отстранувањето на новинарите, за тоа како ќе продолжи да функционира Собранието по повлекувањето на опозициските пратеници…

Еден од најтешките денови за Собранието и воопшто за македонската демократија се случи во понеделникот. Бевте нападнат, пратениците од опозицијата беа исфрлени од салата, новинарите претходно исто така беа отстранети од собраниската галерија, Буџетот се донесе на еден поинаков начин од она што сме навикнале. Како се чуствувате после се што се случи?

– Верувајте, во мојата професионална, но и лична кариера, не сум бил исправен пред потешка одлука, особено заради тоа што е поврзана со колеги пратеници. Сега кога се смирија страстите и кога целосно се разјаснија сценаријата за насилно суспендирање на македонскиот законодавен дом, сосема искрено сакам детално да ја известам јавноста за сето она што се случуваше изминативе недели.

Сепак, личната горчина од запрепастувачкиот однос на моите колеги, кои како толпа посегнаа по мене, ќе треба време да се надмине. Конкретно, сакам јасно да се знае дека беше постапено во согласност со членот 93 од Деловникот. Согласно оваа норма беше искористено доделеното овластување, со помош на внатрешното обезбедување да се обезбедат услови за работа на законодавниот дом, да се воспостави ред. Откако, речиси целата пратеничка група на СДСМ нагрна кон мене, еден нивни пратеник ми ги одзеде списите за водење на седницата, друг го скрши микрофонот, трет го онеспособи мониторот и инсталациите, четврт почна да се качува на работната маса, некој упатуваше закани кон мене, а друг поттикнуваше мое физичко отстранување… Врвот на ова намерно предизвикано насилство во институција за која велиме дека е храм на демократијата, и физички се посегна по мене. По овој физички напад во толпа, обезбедувањето процени дека ми е загрозена личната безбедност и ме извлече од салата. Како што и е познато на јавноста, истиот момент после тоа, претседателското место во Собранието беше узурпирано од колегата-пратеник Горан Минчев заедно со другите пратеници од СДСМ кои беа околу претседателскиот пулт, како и околу говорницата. Потоа, тој, заедно со останатите пратеници, сосема ладно седеше на столчето кое не му е доверено од народот, покажувајќи непримерни гестикулации дека конечно ја имаат контролата на ситуацијата во согласност со нивните мрачни планови наспроти легитимитетот доделен од народот.

Сепак, на крајот на денот мора да победи редот и поредокот, да се покаже дека државата функционира и дека нема да дозволи никому, да си поигрува со институциите и да ги турка граѓаните едни против други. Сите ние во суштина сме еднакви, без оглед дали сме пратеници или кој било друг, никој не може да се постави над сите и да диктира што да се прави.

Опозицијата побара одговорност од Вас. Кој е вашиот одговор на ова?

– Деловникот на Собранието, како и останатите акти вклучувајќи го и Уставот се сосема јасни во овој дел. Законодавецот предвидел и процедури во услови на нормална, но и во услови на ненормална работа, каква што имаше во Собранието изминатиот период. На координативната средба непосредно пред седницата, ги запознав присутните, меѓу кои и потпретседателот Јани Макрадули и координаторот на НСДП и ЛП Горан Мисовски, дека согласно член 43 од Законот за Собранието на Република Македонија ќе дадам одобрување на овластените службени лица на органите на државната управа за постапување согласно споменатиот член. Одобрувањето беше доставено до Одделението за внатрешен ред на Собранието веднаш по завршување на координацијата.

Начинот на кој овластените лица постапуваат е исклучиво согласно нивните овластувања и протоколи. Сепак, конкретно, што се однесува до процедурата за донесување на Буџетот, јас како претседател, во согласност со процедурите, добив Извештај по Предлог на Буџетот на Република Македонија за 2013 година од претседателот на Законодавно-правната комисија, како и Извештај од Комисијата за финансирање и буџет потпишан од мнозинството пратеници, членови и заменици членови на комисијата. Добиените извештаи согласно деловничките одредби, без да навлегувам во содржината на истите, бев должен да ги доставам до Владата која од своја страна ја има обврската да изготви Дополнет предлог на Буџет на Република Македонија. Така и беше. Дополнетиот предлог во согласност со процедурата беше доставен од Владата и ставен на пленарната седница.

Во секој случај, во однос на опозицијата, не знам колку сериозно треба да се сфатат овие неосновани и лицемерни обвинувања, кога токму тие и само тие, во континуитет свесно не го почитуваат Уставот на државата во делот на Собранието, Законот за Собрание, како и Деловикот на македонскиот парламент. Исто така, во овој дел ценам дека многу значаен е фактот дека чувство на одговорност треба да се има и пред да се случи нешто, а не само откако ќе се случи. Одговорноста на нас како народни избраници е многу поголема и потешка, и од тие причини неоправдано е свесно да се преземаат дејствија и постапки, какви што беа постапките на пратениците од опозицијата, дури и по цена да ја девалвираат доверената функција и да предизвикаат чувство на каење кај гласачите што ги избрале. Имам чувство дека севкупната партиска поларизација во општеството се прекршува токму преку парламентот, на еден непринципиелен насилнички начин. Преку грбот на парламентот се одвива сета оваа конфликтност.

Одговорност постои и од постапување и од непостапување. И од преземање и од непреземање мерки. Чија ќе беше одговорноста од недонесување на Буџетот!? Што треба да значи бесцелното расправање по амандмани со месеци, додека немањето на Буџет го става во економски и социјален грч целото општество, особено најранливите категории, односно пензионерите, корисниците на социјални пакети, земјоделците и бизнисот. Во крајна мера, одговорноста ќе си ја понесеме и како поединци и како политички претставници на следното изјаснување на граѓаните.

Би можело да ве интересира

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски

Предлог-законот за заемот од Унгарија на пленарна седница

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта го турка коруптивниот Закон за кредит од Унгарија по секоја цена

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите