Контроверзниот гуру Гурмит Рам Рахим Синг е осуден денеска во Индија на 10 години затвор поради силување на две свои следбенички.
– Рам Рахим е осуден на десет годишна затворска казна, изјави неговиот адвокат Утсав Синг Баинс.
Непосредно пред изрекувањето на пресудата, во индискиот град Рохтак е воведен полициски час, а владините сили добиле дозвола да употребат оружје во случај да избие насилство. Биле зајакнати безбедносните мерки и околу затворите, а железничкиот и автобускиот сообраќај се прекинати, со цел да се спречи пристигнување и собирање на приврзаниците на гуруто.
Полициски час е воведен и во градот Сирса, каде се наоѓа седиштето на сектата на Рам Рахми, која тврди дека има околу 50 милиони следбеници.
Откако пред два дена Рам Рахим беше осуден за силување, избија судири за време на протестот на илјадници негови следбеници, во кои најмалку 38 луѓе загинаа, а стотици беа повредени.
Случајот за силување е откриен во 2002 година кога на тогашниот индиски премиер Атал Бихари Вајпаје му пристигнало анонимно писмо, во кое бил обвинет гуруто дека повеќе пати ја силувал жената која го напишала писмото, но и уште неколку други жени.