ТИ и ЦЕА: Да се надмине проблемот со патните трошоци на пратениците

Од:

Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИ) и Центарот за економски анализи (ЦЕА) бараат Собранието да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците заради, како што наведуваат, отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците.

Во денешното соопштение овие две граѓански организации изразуваат длабоко незадоволство поради игнорирањето на препораките на Државниот завод за ревизија (ДЗР) кои се однесуваат на воспоставената практика на пратениците за себе да прибавуваат финансиски надомест за користење на приватно возило во службени цели што не соодветствува со нивните реални трошоци.

– Поради тоа го повикуваме Собранието на Република Македонија да направи измени во Законот за пратениците и подзаконските акти согласно препораките од извештаите на Државниот завод за ревизија, стои во соопштението.

Законот за пратениците предвидува право за членовите на Собранието да примаат надомест за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи.

– ДЗР во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на нејзино намалување со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието се уште нема постапено по препораките на Државниот завод за ревизија и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци со што значително го оптоварува својот буџет, наведуваат ТИ и ЦЕА.

Транспаренси Интернешнл – Македонија и Центарот за економски анализи го повикуваат Собранието да постапи по препораките на ДЗР со цел да ја отстрани можноста пратениците да добиваат надоместоци за трошоци во висина во која всушност не се направени. Истовремено, тие го повикуваат Собранието, како што се наведува, конечно да го донесе Кодексот за етика на пратениците во Собранието на РМ.

– Со тоа ќе се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување иако е легално, не е етичко, како во овој случај. Со донесувањето на ваков кодекс Собранието истовремено ќе ја исполни и препораката на ГРЕКО од извештајот за усогласеност од четвртиот круг на евалуација, а кој меѓу другото се однесува на превенција на корупција меѓу членовите на парламентот, се наведува во соопштението.

Транспаренси Интернешнл – Македонија и Центарот за економски анализи посочуваат дека е недозволиво речиси десет години да се игонорираат препораките на заводот за ревизија и оти затоа го повикуваат Собранието да ги донесе неопходните измени на регулативата и да воведе суштински промени во нејзиното сузбивање.

Би можело да ве интересира

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски

Предлог-законот за заемот од Унгарија на пленарна седница

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта го турка коруптивниот Закон за кредит од Унгарија по секоја цена

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите