Властите во Буркина Фасо соопштија дека 17 лица се убиени и осуммина се ранети во напад на осомничени џихадисти врз ресторан во главниот град Уагадугу, јавува Си-Ен-Ен.
Силите за безбедност на Буркина Фасо убија тројца од џихадистите, но се уште има заложници, кои се блокирани внатре во зградата, соопшти утринава министерот за комуникации Реми Данџину на државната телевизија.
Осомничените исламски екстремисти доцна синоќа, околу 9 часот, отвориле оган во турскиот ресторан „Азиз Истанбул“ и убиле најмалку 17 лица, додека осуммина биле ранети, покажаа првичните резултати од истрагата.
– Жртвите се од различни националности, соопшти министерот, цитиран од светските агенции.
Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека е во постојан контакт со властите во Уагадугу и дека ја следи ситуацијата, советувајќи ги француските државјани во оваа африканска престолнина да го избегнуваат реонот на нападот.
Според претставник на полицијата, тројца или четворица напаѓачи пристигнале пред ресторанот со мотоцикли и почнале неконтролирано да пукаат врз толпата гости во ресторанот. Неколку часа подоцна се уште се слушала интензивна престрелка.
Вчерашниот напад се случува на помалку од две години откако исламски терористи убија 30 лица во ресторан, посетуван од странци, во центарот на Уагадугу, потсетуваат американските медиуми.