Двајца кубански дипломати се протерани од САД, откако членови на американската дипломатска мисија во Хавана биле погодени од мистеризони здравствени симптоми, соопшти Стејт департментот.
Претставник на американското Министерство за надворешни работи изјави денеска дека „не е јасно што навистина се случува“, како и дека засега нема прецизно објаснување што го предизвикало страдањето на луѓето и кој стои зад сето тоа.
Според американските медиуми, кои се повикуваат на дипломатски извори, станува збор за тоа дека американските дипломати во Хавана почнале да страдаат од губење на слухот, како последица на влијанието на прикриена звучна опрема.
Кубанското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе испита за што всушност станува збор, но дека протерувањето на двајцата Кубанци од Вашингтон го смета за сосема неоправдан чекор.
– Куба никогаш досега, а ниту кога било ќе дозволи нејзината територија да се користи за каква било акција против акредитирани дипломати или против нивните семејства, се вели во соопштението на кубанското МНР.
Безбедносни експерти проценуваат дека дипломатите го губеле слухот, како последица на специјалната звучна опрема која емитува нечујни звучни бранови, што предизвикува оглувување.
Се претоставува дека ваквата опрема може да биде поставена во внатрешната, но и од надворешната страна на куќите во кои биле сместени.
Властите во Хавана изразија подготвеност да соработуваат со САД во истрагата и во утвдувањето на причините за еден ваков инцидент.
Некои медиуми и безбедносни експерти веруваат дека зад еден ваков случај би можела да стои повеќе Русија, отколку Куба.
Стејт департментот соопшти дека петмина американски дипломати, меѓу кои и нивните жени, биле погодени од повреди на слухот, за кои се вели дека не се опасни по животот, но дека сите биле испратени на лекување во САД.
Вашингтон и Хавана ги обновија односите во 2015 година, откако тие беа во прекин половина век.