За време на својата посета на Москва, од 20 до 24 август, државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, ќе го разгледа прашањето за евентуална официјална посета на папата Франциско на Русија, се навестува од неговото интервју за весникот „Кориере дела сера“.
Тоа би била прва посета на поглавар на Римокатоличката црква на Русија, пренесува Танјуг.
Паролин, десната рака на папата и шеф на ватиканската дипломатија. во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и со високо позиционирани руски свештеници, вклучувајќи го и поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил.
– Во овој историски момент, кога стануваме сведоци на зголемување на тензиите и конфликтите во различни делови на светот, за папата Франциско и за мене лично мирот е јасен и незаобиколив приоритет, рече Паролин.
„По периодот на идеолошко спротивставување, што очигледно не може да се надмине од денес за утре, и со новите отворени хоризонти по завршувањето на Студената војна, важно е да ги искористиме сите можности, за да го поттикнеме взаемното почитување, дијалогот и соработката, а на овој начин ќе содејствуваме за мирот“, додаде тој.