Шпанските власти денеска евакуираа околу 300 лица пред налетот на големиот пожар што веќе два дена беснее во регионот Кастиља-Ла Манча во централниот дел на Шпанија.
Со евакуацијата се опфатени жителите на десет населени места, како и туристите во еден локален камп.
Според шпанската служба за Цивилна заштита, огнената стихија досега уништила околу 1.000 хектари површина под шуми и нискостеблести растенија.
Во гаснењето на огнот учествуваат околу 150 пожарникари, потпомогнати од авиони „канадери“ и хеликоптери.
Југозападните делови на Европа изминатава недела беа погодени од серија пожари. Така, само во Португалија огнените стихии уништија околу 15.000 хектари површина, додека во јужните делови на Франција пожарите опустошија над 7.200 хектари. Поради голем пожар во близина на францускиот Азурен брег, изминативе денови беа евакуирани околу 10.000 лица.