Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски го понесе признанието „МВП – Најкорисен играч“ на турнирот „Трофеј Македонија“ што изминатите три дена се одржа во Скопје.
Стојановски беше вистински лидер на македонскиот национален тим кој оствари три победи во исто толку одиграни натпревари и го освои првото место во конкуренција на Босна и Херцеговина, Холандија и Португалија, кои редоследно завршија зад Македонија.
Стојановски турнирот го заврши со просечни 12,3 поени по натпревар, иако на последниот против БиХ постигна само 4 откако селекторот Давитков реши на Војдан да му даде помала минутажа за да го одмори.
Португалците примија 10, а Холанѓаните немаа решение за Стојановски кој во мечот против популарните „лалиња“ уфрли 23 поени.