Младата кошаркарска репрезентација на Македонија славеше победа над соодветната селекција на Белорусија во натпреварот од разигрување за пласман од 13 до 16 место на Европското првенство (Дивизија Б) што се одржува во Ородеа, Романија.
Избраниците на Мирко Петрески иако лошо го отворија мечот и првиот период го загубија со 21-13, а на полувремето имаа и 11 поени негатива (36-25), сепак, со одличната игра во вториот дел успеаја да направат комплетен резултатски пресврт. Клучна беше третата четвртина која црвено-жолтите ја добија со 21-6, додека последната заврши нерешено 16-16, па на крајот Македонија забележа победа со конечни 62:58.
Андреј Маслинко средбата ја заврши со 14 поени и 8 скокови, додека на Дамјан Робев кој имаше 11 поени му недостасуваше само еден скок да има дабл-дабл учинок (9 скокови). Виктор Ефремовски со 10 поени беше третиот македонски играч кој дуело го заврши со двоцифрен број на постигнати поени.
На последниот ден од шампионатот нашите младинци ќе играат против Албанија за пласман на 13 место.
Мечот Македонија – Албанија ќе се игра утре од 14 часот и 45 минути.