Десеттина поети, музичари и уметници од Македонија и странство ќе учествуваат на 29. издание на Поетската ноќ во Велестово што ќе се одржува од денеска до 23 јули на локации во Велестово и Охрид.
Програмата почнува вечер во 21:00 часот со Џез концерт на бендот Караванија, Поетски портрет на поетот Ристо Василевски, а ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Емил Шулајковски.
За утре е предвидено гостување на Отвореното студио во Арт поинт Гумно во Слоештица и читање поезија, а во недела промоција на книгата „16 бугарски поети“ со настап на гостите од Бугарија, Владимир Левчев, Аксинија Михајлова, Роман Кисјов, Ани Илков и Поли Муканова.
Во рамки на манифестацијата, а во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации и МАНУ на 28 јули ќе се одржи промоција на проект книгата „Извештаи на Рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски. Исто така, во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации во текот на летото во Охрид ќе бидат организирани и прoмоции на делата „Доилката“ од Лилјана Пандева и „Задачите се зададени“ од Зоран Јакимоски.
И оваа година покровители на манифестацијата се Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид и Комерцијална банка.