До надлежното Основно јавно обвинителство Скопје Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Ј. (54) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривичното дело – „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Како што информира денеска МВР, при реализацијата на овој случај пронајдени и одземени се – една рачна бомба кашикара, една автоматска пушка калибар 7,62 х 39, шест рамки за автоматска пушка, еден пиштол марка „Взор“, 87 куршуми калибар 7,65 милиметри, 700 куршуми калибар 7,62х39 милиметри за автоматска пушка.
По претходно добиено оперативно сознание дека пријавениот недозволено поседува огнено оружје, од страна на припадници на ЕНТДО при СВР Скопје извршен е претрес на домот на С.Ј. При претресот во неговиот дом пронајдени се повеќе видови оружја и муниција, како и три прибори за чистење автоматска пушка, еден панцир, два пара маскирни пантолони, две маскирни јакни, една маскирна кашула и еден ранец.
С.Ј. е приведен во службените простории на СВР Скопје ККИ – ЕНТДО. Во извршениот разговор појаснил дека оружјето и муницијата кои се пронајдени при претресот во неговиот дом ги набавил во 2001 година за време на конфликтот, а по завршувањето на конфликтот ги чувал кај себе на таванот од куќата.
Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Д.П.Т. (22) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
При реализацијата на случајот пронајден е и одземен еден пиштол марка „Застава“ и пет куршуми.
На 19 овој месец, во 23:45 часот на улица „Ѓорѓи Димитров“ при легитимирање и личен преглед на пријавениот, во неговиот десен џеб пронајден е и одземен пиштолот и петте куршуми. Д.П.Т. бил приведен во службените простории на СВР Скопје ПС ОН Кисела Вода, каде во извршениот разговор одбил да даде појаснување во врска со пиштолот. Тој, како и С.Ј. минуваат во крим евиденцијата на МВР.