Индиската полиција денеска забрани протестен собир во центарот на Њу Делхи, каде веќе шести ден траат демонстрации поради групното силување на една студентка, како и бруталниот физички напад врз неа и нејзиниот пријател минатата недела.
Илјадници демонстранти со денови бараат смртна казна за извршителите на силувањето, како и поголема безбедност за жените, а вчера полицијата употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата која се обидела да влезе во претседателската палата во Њу Делхи.
Собирање на демонстрантите им е дозволено само на традиционални места за одржување протести, на еден од најголемите отворени спортски терени во Њу Делхи, Рамлила-мајдану и во поранешната градска опсерваторија Џантар-мантар.
Западните медиуми наведуваат дека седум метро станици во центарот на градот биле затворени за да се оневозможи протестот.
Полицијата утрово ги блокираше сите приоди кон владината зграда и притвори една група демонстранти според наредбата за забрана за собирање.
Шест пијани луѓе во автобус кој сообраќа низ Њу Делхи минатата недела силуваа студентка, а потоа неа и нејзиниот пријател ги претепале со метални шипки и ги исфрлиле од автобусот додека се движел.