Расправата во Собранието за Предлог завршната сметка за Буџетот за 2016 година продолжува во 1 часот по полноќ

Од:

Собранието на Република Македонија и доцна вечерва расправаше за Предлог завршната сметка за Буџетот за 2016 година, во рамки на осмата седница. Во тек е пауза на барање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави продолжение на расправата за еден часот по полноќ.

Во текот на расправата во бројни меѓусебни реплики пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека економските политики на претходната Влада предводена од нивната партија и која го подготвуваше Буџетот за 2016., биле ефикасни. Посочија на дел од реализираните проекти кои придонеле за економски раст, намалување на невработеноста, странски инвестиции, финансиска стабилност. Во таа насока упатија критики за предложениот ребеланс на Буџетот со кој обвинуваат дека се кратат финансии за проекти што се значајни за граѓаните.

Ванковер Манчев од ВМРО-ДПМНЕ во реплика забалежа дека СДСМ наместо да почнат со вистинска работа почнале со укинување на проекти значајни за граѓаните. Неговиот сопартиец Крсто Муковски пак потенцираше дека сите макроекономски показатели во завршната сметка се на исклучително високо ниво. Критикуваше дека со ребалансот на Буџетот се кратат средствата на сите државни универзитети освен за Универзитетот во Тетово каде се зголемуваат за милион евра.

Никола Мицев од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, во реплика рече дека СДСМ се однесува како опозиција наместо да се зафати со работа, прашувајќи дали според завршната сметка неефикасност се сите позитивни параметри во неа потпишани од министерот за финансии Тевдовски.

Со завршната сметка, според пратеникот Зоран Илиески, се потврдило дека Буџетот е во добра кондиција, како и дека тоа што било предвидено за капиталните инвестиции во висока сметка и се реализирало.

Соња Мираковска од НСДП реагираше на бројните меѓусебни реплики помеѓу пратениците од ВМРо-ДПМНЕ, истакнувајќи дека е многу очигледно зошто оваа пратеничка група се поделила во десет пратенички групи.

– Ова е класична злоупотреба на Деловникот за да може да се кочи работата на Собранието, рече Мираковска и побара да се преиспита членот 33 од собранискиот Деловник.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека е должен да го испочитува она што е деловнички, иако, како што рече, делот за реплика сами на себе не е прецизиран. – Оставам на пратениците да мислат колку е тоа добро или не а граѓаните ќе проценат дали е тоа добро или не. Ќе ја водам седницата како што пропишува Деловникот, рече Џафери.

Претходно, во попладневната расправа Васко Ковачевски од СДСМ рече дека според завршната сметка претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ не водела сметка за приватниот сектор. Има, како што рече, драстично потфрлање кај неданочните приходи за три милијарди денари, како и кај трансферите и особено донациите од странство кај кои има 35 милиони евра. Кај домашното задолжување, додаде, тогашната Влада на ВМРО – ДПМНЕ во недостиг на средства се задолжила со дополнителни од предвидените 2,7 милијарди денари или 44 милиони евра.

– Кога ќе ги разгледаме сите буџетски ставки и од приходите и од расходите власта на ВМРО-ДПМНЕ не водела сметка за подобар и подостоинствен живот на граѓаните, рече Ковачевски, истакнувајќи дејка поради состојбата во завршната сметка ВМРО-ДПМНЕ сега е во опозиција.

Во образложението на завршната сметка министерот за финансии Драган Тевдовски наведе дека економскиот раст на Македонија во 2016 изнесува 2,4 проценти, забележувајќи оти тоа е најниска стапка на економски раст во регионот.

– Растот се состои од трошење на државата и тоа добро знаете во што. Многу често во непродуктивни проекти како „Скопје 2014“ и згрешени автопати. Најпроблематично е што на долг рок ова е неодржливо бидејќи во економијата не се создава доволно додадена вредност доколку движењето е врз основа на задолжување, наведе минстерот.

Спорно, смета тој, е и што некои позитивни проекти како изградба на патна инфраструктура поради грешки може да донесат до сериозни дополнителни обврски за државниот буџет во следните години, а од друга страна индустрискиот сектор којшто треба да биде двигател на економскиот раст забележал во 2016 пад од 1,5 процент.

Ако се гледа БДП во расходниот метод, појасни, економскиот раст во 2016 е резултат на раст на извозот пред се на странски компании во слободните економски зони, кој забележа реален раст од 11,5 проценти, но се должи на целосно ослободување на странските компании од даноци и царини и голема државна парична поддршка. Најпроблематично, рече Тевдовски, е што во 2016 година се намалија инвестиците кои се клучниот елемент на растот на економијата.

Како што наведе, вкупните приходи на Буџетот се реализирани во износ од 169,3 милијарди денари, а расходите во износ од 185,4 милијарди денари, поради што буџетскиот дефицит изнесува 16,1 милијарда денари, односно 2,7 проценти од БДП.

Тевдовски, меѓу другото, рече дека Буџетот, се полнел главно преку индиректни даноци. Вкупните буџетски расходи, како што потенцира, бележат пониска реализација, а кај капиталните расходи има отстапување од 5,3 милијарди денари.

– Треба да учиме од грешките од минатото и да не дозволиме тие да се повторат, рече Тевдовски, кој вети дека на крајот на мандатот Македонија ќе има завршна сметка како Данска.

Би можело да ве интересира

Реџепи: Денеска за малку ќе бевме сведок на нов скандал од страна на претседателот на Собранието

Засега без јавно образложение е одложена денешната седница на Комисијата за контрола на АНБ

Горан Наумовски

Димаљ Баша е новиот претседател на косовското Собрание

13 кандидати за претседател на ДКСК

Собранието одлучи измените и дополнувањата на Изборниот законик да се носат во скратена постапка

Катерина Ѓуровски

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител