Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го разгледа Годишниот извештај на Советот на јавни обвинители.
Соња Мираковска од НСДП ја критикуваше содржината на извештајот нарекувајќи го фактографски и без да може да се донесе заклучок што се случува во системот, обвинувајќи притоа за партизација при изборот на јавни обвинители, за забелешките изнесени за јавниот обвинител, како и за оние од Извештајот на ЕК. Според неа, формирањето на Специјалното јавно обвинителство исто така е показател за состојбите во нашето судство, а до претседателот на Советот за јавни обвинители Петар Аневски упати забелешка затоа што воопшто не го спомнал решението на Советот за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски, за што во тек е собраниска расправа. Мираковска рече дека правда треба да има за сите и оти тоа тргнува токму од претедателот на Советот на јавни обвинители и од обвинителите, кои не треба да дозволат да се врши притисок врз нив.
Од друга страна, пак, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ го обвини владејачкото мнозинство за хипокризија и за двојни аршини во однос на партизацијата посочувајќи на директорот на Агенцијата на администрација кој бил член на ИК на СДСМ и кој бил вработен како одговорен во кадровското одделение во општина Струмица, каде градоначалник беше актуелниот премиер Зоран Заев. Праша зошто меѓу вработените во општините Струмица и Куманово, каде градоначалници се луѓе од СДСМ нема вработени од неговата партија или лица кои не се членови на владејачката партија.
– Дали ова ќе го правите и во судството, праша Ѓорчев кој и реплицираше на колешката од НСДП дека на Аневски не може да му се импутира дека бил партиски човек бидејќи тој никогаш не бил член на неговата партија.
Ѓорчев кажа дека ако Владата е во првите 100 дена тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ од говорница не смеат да кажат што сакаат. – Ги имате овие сто дена така што немате интерпелации, рече Ѓорчев.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Аневски одговори на забелешките на Мираковска, посочувајќи дека Годишниот извештај се пишува врз основа на членот 13 ставот 2 од Законот и оти тие се лимитирани од тој став.
Во однос на разрешувањето на Зврлевски рече дека треба да се прашаат зошто тие осум обвинители кои гласаа за негово разрешување дотогаш не реагирале и не поднеле иницијатива за смена.
– Јас еднаш кажав дека тој е добар, еднаш реков перфектен јавен обвинител како теоретичар. Меѓутоа сега ќе ве потсетам и на една друга работа. Кризата во јавното обвинителство трае две години, од пред формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Во Законот за јавните обвинителство член 67 има став 3 каде што вели Советот на јавни обвинители може да поведе постапка, иницијатива за разрешување на ЈО пред Собранието на РМ. Каде беше Советот и тие осум кои викаат дека не чини јавниот обвинител. Тие членови треба да ги прашате што ги спречуваше да поднесат иницијатива за разрешување, рече Аневски пред пратениците.
Ги отфрли тврдењата дека работел партиски и потенцираше дека никогаш не ги делел луѓето, како што кажа, од оваа или од онаа партија.
– Никогаш не сум влегол во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ниту на СДСМ, освен што во осумдесетите години сум присуствувал на состаноци на СКЈ, рече Аневски.
Изнесувајќи детали од Годишниот извештај, Аневски, меѓу другото, кажа дека има недостиг на обвинители во јавните обвинителства во земјата што влијае на нивната работа. Бројот на јавни обвинители треба да изнесува 263, а во обвинителствата има 65 помалку. Во однос на поднесените претставки до Советот на јавни обвинители, во 2016 поднесени се 145, помалку од 2015 кога имало 166. Најголем број се однесуваат на работењето на Основното јавно обвинителство Скопје. Поднесувачите на претставките биле незадоволни најмногу од постапувањето и одлуките на јавните обвинителства.
Комисијата за политички систем денеска изгласа измени на Кривичниот законик со кои се предвидуваат построги санкции за препродавачите на билети пред Суперкупот 2017.
На дневен ред на седницата на Комисијата која треба да продолжи за време на паузата на собраниската седница се и измени на Законот за извршување и на Законот за јавното обвинителство, поднесени од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.