Седница на собраниската Комисија за здравство

Од:

Собраниската Комисија за здравство на денешната седница ја почна расправата по Предлог-законот за докторска дејност во прво читање, поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ во образложението на потребата од донесување на законот рече дека тој е работен во консултација со поедини колеги од Лекарската комора, Здружението на лекарите од претходниот состав, со синдикатот… и во него се вметнати сите проблеми со кои се соочуваа докторите и нивни можни решенија.

Овој закон за докторска дејност, посочи, предвидува платата на докторите специјалисти да изнесува четири ипол просечни плати или 100.000 денари нето плата, додека пак општите доктори е предвидено да земаат две ипол просечни плати односно 56.000 денари нето плата.

– Предлог-законот за докторска дејност ја регулира можноста докторот да одбие или поточно да препрати свој пациент за лекување кај друг доктор од иста специјалистичка област во случај кога болниот не соработува, на своја рака ги избира лековите за терапија или не ги почитува советите од специјалистот. Во досегашната практика докторите од секундарно и терциерно ниво немаа можност да одбијат лекување на пациент во случаи кога се соочуваа со проблеми како претходно наведените, рече Ѓорѓиевски.

Според него, целта на ваквите измени ќе биде во корист на подобрување на комуникацијата меѓу лекар и пациент.

Миграцијата на здравствениот кадар, конкретно на лекарите од земјите од Западен Балкан во развиените западно-европски држави, нагласи, е во подем. – Со ставање во законска рамка на прашањата за регулирање на докторската дејност, настанатата ситуација на одлив на медицински кадар ќе се намали и проблемот на иселување на квалитетен кадар од Македонија ќе се решат преку подобрување и обезбедување на поволни можности за професионален развој и подобар живот за докторскиот кадар, додаде Ѓорѓиевски.

Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека овој закон Лекарската комора одамна го има, и е препишан од Законот за доктори што го подготвувала Лекарската комора.

Посочи дека за нив е битно тој да се вметне во новиот закон за здравствена заштита кој ќе го подготви Комисија во Министерството за здравство. Според него, потребно е системско решение на проблемот на докторите.

Таравари појасни дека во предлог-законот за докторска дејност поднесен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не се опфатени стоматолози, фармацевти…

– Според експертите кои работат закони и според мене, предлог-законот за докторска дејност е неприфатлив. Да донесеме заеднички нов закон за здравствена заштита кој ќе биде прифатлив за сите, додаде Таравари.

Во реплика на излагањето на министерот, Ѓорѓиевски истакна дека секој момент за донесување на овој закон е драгоцен за лекарите.

– Донесувањето на закон за здравствена заштита е добра работа, за која ќе треба подолг период за дојде на дневен ред. Сметам дека доколку сакаме да ја спречиме акутната состојба на одлив на македонските мозоци што побрзо треба да се донесе овој закон. Овој закон не е дефинитивен, постои можност со амандманска расправа да се подобри, додаде Ѓорѓиевски.

Претседателот на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева Старделова рече дека потребата од закон за докторска дејност е голема, но смета дека во периодот кога е во тек измената на закон за здравствена заштита, неговото донесување треба времено да се пролонгира.

– За тоа време треба паралелно да се доработи пред се да се усогласи со новите одредби на Законот за здравствена заштита. Лекарската комора на Македонија, Стоматолошката и Фармацевтската комора сметаат дека законот е потребен, но не во оваа форма како дадениов предлог-закон и не во период кога се прават значајни измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, додаде Гривчева Старделова.

Расправата по предлог-законот ќе продолжи утре.

Би можело да ве интересира

Реџепи: Денеска за малку ќе бевме сведок на нов скандал од страна на претседателот на Собранието

Засега без јавно образложение е одложена денешната седница на Комисијата за контрола на АНБ

Горан Наумовски

Димаљ Баша е новиот претседател на косовското Собрание

13 кандидати за претседател на ДКСК

Собранието одлучи измените и дополнувањата на Изборниот законик да се носат во скратена постапка

Катерина Ѓуровски

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител