Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид АД“ Скопје. Живко Мукаетов заедно со претставници на компании од Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово, Албанија и Србија учествуваше на панел-дискусија на тема „Регионална економска област на Западен Балкан – патоказ кон членството во ЕУ“, која се одржа по официјалното отворање на Постојаниот Секретаријат на Коморскиот инвестициски форум ВБ6 во рамки на 4.Самит за Западен Балкан, што се одржа во Трст.
Панелот опфаќаше бројни теми кои се од суштинска важност за регионална интеграција, како: градење синергии меѓу компаниите во регионот; надминување на пречките за поинтензивна регионална интеграција; слободно движење на работната сила; Западниот Балкан како дестинација за инвестиции и слично.
Од „Алкалоид АД“ Скопје соопштија дека во рамки на панел-дискусијата, Мукаетов ја нагласил важноста на поврзувањето на регионот од повеќе аспекти.
– Пораката која Европската Унија ја испраќа на овој еминентен собир, е дека тие сметаат на нас, но од друга страна, ние треба да покажеме дека имаме капацитет да создаваме синергии и да одиме напред“, посочил Мукаетов.
Во поглед на мобилноста на работната сила, како алатка за развој на бизнисите, Мукаетов потенцирал дека е потребно да се унифицира и поедностави системот по примерот на Скандинавските земји, со што би се дестимулирало одлевањето на квалитетни кадри од регионот. Тој ја нагласил и важноста на димензионирањето на едукативниот систем во согласност со потребите на бизнисите, со што би се намалила дискрепанцата во понудата и побарувачката на некои струки, односно би се продуцирале повеќе инженерски кадри кои во моментов се дефицитарни, а би се намалил бројот на кадрите по општествени науки, кои пак се суфицитарни. За овие и слични теми, Мукаетов ги поканил присутните на претстојниот „Самит 100 на бизнис лидери од Југоисточна Европа“ кој на 16 и 17 октомври ќе се одржи во Скопје.
– Како платформа за соработка која успешно функционира веќе седма година, Самит100 во Скопје ќе вклучува конкретни теми и проекти кои се од стратешка важност за унапредување на бизнисите во регионот. Во Скопје, клучниот збор ќе биде ‘Поврзување’ а наш гостин ќе биде Европскиот комесар за транспорт, Виолета Булц. Ќе дискутираме за транспорт, инфраструктура, проектот ‘зелена Балканика’, слободно карго, брендирање на регионот, мобилност на работната сила, дигитализација и енергетика. За овие суштински предизвици, ќе предложиме решенија кои регионот би го направиле поконкурентен, посочил Мукаетов.