Традиционално, петта година во организција на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен симболично се одбележува Денот на раѓањето на Свети Јован Кристител – 7 јули, или во народот попознат како Иванден.
Овој ден, според ресенчани, има особено значење во Преспанскиот регион, каде го има најсимболичното и најкарактеристичното одбележување. Голем беше интересот на младата популација, кои присуствуваа со сопствени изработки на куклите Иванки, но и предизвикот да изработат кукли според традицијата на сопствените мајки и баби.
Ваквите манифестации, кои се дел од Преспанската традиција, како што истакна директорот на Домот на културата Васко Василевски, претставуваат особено значаен сегмент во задржувањето на културното наследство.
– Манифестацијата не навраќа на нашите корени и традиции и треба да се зачува од заборав. Низ минатото, па и денес, ова празнување трае дури три дена, секој ден со свое значење и белег. Започнува на 5 јули, а завршува на Иванден – 7 јули. Денес пред жири комисијата беа претставени годинашните изработени кукли – Иванки. Поради големот интерес и вложеноста на учесниците, одлучивме сите изработки да бидат симболично наградени, со скромен паричен надомест, изјави Василевски.
Градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски потсети дека локална самоуправа секогаш застануваме на страната на традицијата.
– Традицијата е од посебно значење за Ресен, но и за цела Преспа, особено што овде, кај нас, овој празник се одбележува на еден карактеристичен начин, можеби и единствен во земјава. Затоа, сите учесници, кои изработиле Иванки, ќе бидат и симболично наградени, рече Стрезовски.
Според традицијата, на 5 јули, се формираат групи од девојчиња, кои ги посетуваат сите куќи од своето маaло. Собираат брашно, масло, шеќер, грав и други продукти, кои на крајот се носат во една куќа. На 6 јули се прават повеќе обредни активности. Утрото зачнува со берење на камилица, која се користи за правење на куклата Иванка и се прави ручек во куќата каде претходно бие однесени продуктите. На 7 јули – Иванден, кога е и крајот на ова празнување, куклата Иванка се растура на најблиската ливада.
– Од дете живеам во Јанковец. Ваква традиција има само таму и во Ресен. Она што мене ме научиле моите баби и мајка ми, јас денес како баба го пренесувам на младите. Девојчињата навистина многу сакаат да изработуваат, па се собираме по редот на традицијата, која се надевам дека ќе биде пренесена и на идните генерации, истакна Нада Ѓештаковска, изработувач на кукли Иванки.
Манифестацијата беше збогатена со музичка програма, а за заврши со служење посно гравче.