По едногодишно отсуство, македонскиот кошаркарски репрезентативец Дамјан Стојановски одново е дел од МЗТ Скопје Аеродром, откако пред две недели потпиша нов договор со шесткратниот шампион.
Во меѓувреме, тој не настапуваше за друга екипа туку се рехабилитираше по тешката повреда на коленото добиена во дресот на репрезентацијата на Македонија во ланскиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2017. Се очекува целосно да биде подготвен за претстојната сезона во која „металците“ ќе настапуваат во АБА-лига и во домашното првенство.
– Една сезона не бев под договор, но се чувствувам како воопшто да не сум заминал од „Јане Сандански“. Едноставно, тука сум како дома со оглед што одамна немам настапувано за друг клуб освен за МЗТ Скопје Аеродром. Периодот го искористив да се вратам по незгодата која ме снајде на средбата против Велика Британија во дресот на македонската репрезентација. Најтешкиот дел по повредата е зад мене. Рехабилитацијата минува одлично, засега се е како што треба и сигурен сум дека ќе бидам максимално подготвен за стартот на новата сезона, изјави Стојановски за интернет страницата на МЗТ Скопје.
Репрезентативец очекува тешка сезона, а му се допаѓаат најавите на управата на клубот за формирање костур на тимот од македонски кошаркари.
– Пред нас е напорна сезона во која не очекуваат многу тешки натпревари поради што е потребно добро да се подготвиме. АБА-лигата ќе биде исклучително силна, најмногу поради намалувањето на бројот на екипи што ќе учествуваат, со што ќе се вжешти битката како за врвот така и за дното од табелата. Без разлика што се уште сме далеку од комплетирањето на тимот, мислам дека ќе имам состав кој ќе може да им парира на противниците од регионот и дека со малку повеќе среќа ќе имаме подобар настап во однос на минатата сезона. Ми се допаѓа интенцијата носители во тимот да бидат домашни играчи, што е добро како за МЗТ Скопје Аеродром така и за македонската кошарка воопшто, дополнува бекот-шутер.
Тој нема да биде дел од репрезентацијата во претстојните претквалификации за СП 2019, но посакува Македонија да оствари добри резултати.
– Косово и Естонија се селекции кои треба да се сфатат максимално сериозно. Денеска едноставно нема лесни противници на европската кошаркарска сцена. Најдобар пример за ланските квалификации за ЕП кои се надевавме дека лесно ќе ги поминеме, но на крајот завршивме полошо и од најцрните очекувани сценарија. Само со максимален пристап и огромна желба може да стигнеме до посакуваното, а тоа е минување на претвалификациското сито. Тешко ми е што не можам да им помогнам на соиграчите, повредата не ми дозволува да настап, но ќе им стискам палци на моите репрезентативни другари со ветување дека ќе бидам најгласен навивач во нивниот обид да се мине овој сериозен предизвик, завршува Стојановски.
Дамјан Стојановски во таборот на МЗТ Скопје првпат дојде до 2012 година, а претходно има играно за АМАК-СП, Вардар осигурување и бугарски Лукоил Академик. Во својата ризница трофеи досега има четири шампионски титули во Македонија и две во Бугарија како и пет пехари во Купот на Македонија.