Во крушевското село Бучин денеска е пуштена во употреба новата спортска сала, проект на Агенцијата за млади и спорт.
Според градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески, салата се градеше две години и чини 22.500.000 денари.
– Во општината Крушево изминативе години интензивно се инвестираше во спортот. Се изгради нов фудбалски стадион, фитнес зона на отворено, а во завршна фаза е изградбата на едно повеќенаменско и две тениски игралишта со што се комплетира спортско-рекреативниот центар Гумење. Изградбата на спортската сала која ќе придонесе многу за развојот на спортот кај младите во населеното место Бучин е дел од проектот за изградба на 145 спортски сали во земјава, рече Дамчески.
Во речиси сите помали населени места, додаде, се изградени детски катчиња за одмор, дружење и рекреација на најмладите.
– Во тек е изработка на проект за реконструкција на постојната спортска сала во Крушево, се менува деталниот урбанистички план за изградба на нова спортска сала со стандардни димензии во Крушево, а во тек е и изработка на планска програма за изградба на кошаркарско игралиште во село Саждево, нагласи Дамчески.