Средба Џафери – Брајовиќ: Македонија и Црна Гора ги врзува пријателство

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска во Црна Гора имаше средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ.

Во разговорот со Брајовиќ, како што соопшти кабинетот на претседателот на македонското Собрание, Џафери изразил задоволство што првата официјална посета по изборот на новото парламентарно мнозинство е во земја од регионот со која, како што рекол, немаме отворени прашања, и не врзуваат пријателство и традиционално добри политички, економски и културни врски и со која делиме исти надворешно политички приоритети.

Тој на својот колега и на граѓаните на Црна Гора им го честитал полноправното членство во НАТО и истакнал дека остварувањето на оваа стратегиска цел на државата ќе придонесе за поголема безбедност и стабилност како во регионот така и пошироко.

Џафери изразил верување дека со пристапувањето на Црна Гора во НАТО, Република Македонија добила уште еден голем поддржувач на нејзините аспирации за интеграција во евроатланската безбедносна заедница и подвлекол дека членството, исто така, покажало оти вратите на Организацијата остануваат отворени. Изразил и уверување дека наскоро и ние ќе ја достигнеме оваа клучна точка на нашиот пат – полноправно членство во НАТО.

Двајцата соговорници размениле мислења за актуелната политичка состојба во двете држави и се согласија дека постои многу простор за проширување и интензивирање на економската соработка, како на ниво на Влади, така и на ниво на стопански комори.

Џафери, кој во Црна Гора престојува на покана на неговиот црногорски колега Брајовиќ, денеска имаше средба и со членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на црногорското Собрание.

Притоа од двете страни било изразено задоволство од одличната соработка на полето на одбраната меѓу двете држави во форма на обуки и школување на кадри, како и учество во заеднички проекти. Од црногорска страна била искажана подготвеност за пренесување искуства во однос на пристапувањето во НАТО и за таа цел, како што соопштуваат од кабинетот на Џафери, од наша страна била упатена покана за средба со членовите на Комисијата за одбрана во Собранието на Република Македонија.

Била поздравена и соработката во рамки на Јадранската повелба со која во моментов претседава Република Македонија.

Во делегацијата што во Црна Гора ја предводи претседателот на Собранието Џафери, се пратениците Максим Димитриевски и Џеват Адеми.

Делегацијата се сретнала и со членовите на новоизбраната Група во црногорското Собрание за пријателство со Собранието на Република Македонија, со која претседава Генци Ниманбегу, кој е потпретседател на Собранието на Црна Гора.

На средбата, домаќините биле информирани дека во Собранието на Република Македонија, во сите мандати се формира парламентарна група за соработка со Парламентот на Црна Гора, а пратениците се согласиле дека во иднина треба да се остварат почести директни контакти кои овозможуваат директно запознавање со состојбите во двете држави и размена на мислења и искуства, имајќи ги предвид истите стратегиски приоритети на двете држави.

Бил поздравен напредокот на Црна Гора во однос на преговорите со Европската унија, со отворањето на 28-те поглавја и дефинирањето на рамката за отворање на преостанатите пет поглавја. На средбата биле разменети искуства и за учеството на жените во Парламентот и притоа Република Македонија беше посочена за пример во регионот со законските решенија за задолжително номинирање жени во пратеничките листи.

Пред почетокот на официјалните средби со претставниците на државниот врв, информираат од кабинетот на Џафери, бил организиран свечен пречек на гостите со интонирање на химните на двете држави и со салутирање на гардата на Црна Гора пред двајцата претседатели на парламентите, Брајовиќ и Џафери.

Би можело да ве интересира

Реџепи: Денеска за малку ќе бевме сведок на нов скандал од страна на претседателот на Собранието

Засега без јавно образложение е одложена денешната седница на Комисијата за контрола на АНБ

Горан Наумовски

Димаљ Баша е новиот претседател на косовското Собрание

13 кандидати за претседател на ДКСК

Собранието одлучи измените и дополнувањата на Изборниот законик да се носат во скратена постапка

Катерина Ѓуровски

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител