ЕЕЗ: Евтина тарифа само за социјалните категории за период од две години

Од:

Европската енергетска заедница и препорачува на Македонија евтината тарифа за струјата да ја воведе само за социјалните категории и за временски период од две години.

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница Јанез Копач, кој денеска имаше средба со членовите на собраниската Комисија за економски прашања, изјави дека деталите околу предлогот на македонската Влада за враќање на евтината тарифа за сите граѓани не му се познати, но оти исклучоци се можни само доколку тие се добро аргументирани, временски ограничени и направените трошоци при реализацијата да бидат платени од буџетот на државата.

– Не знам точно каков е тој предлог. Слушнавме дека имало такво нешто во предизборната кампања, но деталите не ги знаеме. Исклучоци се можни, но мораат да бидат многу оправдани, консултирани со Секретаријатот, временски ограничени и направените трошоци да бидат платени од јавниот буџет, а не од други потрошувачи на електричната енергија, нагласи Копач.

Од Владата најавуваат дека предлогот за враќањето на евтината тарифа нема да биде во спротивност со регулативата на Европската унија и оти нема да претставува голем трошок за потрошувачите.

– За ова прашање ќе разговарме и сметаме дека нема да биде спротивно со регулативата на Европската унија. Сигурно ќе соработуваме и во изработката на законот, којшто е во драфт верзија, и секако и ова прашање ќе биде регулирано. Се работи за неколку часа кога граѓаните ќе можат да ја користат евтината тарифа. Се работи за мало проширување кое ќе биде значително олеснување за сите граѓани, а најмногу за ранливите категории, изјави Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата.

Според директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Македонија до пред пет – шест години била лидер во регионот во однос на реформите во енергетскиот сектор, но оти во последните години, како што посочи, ништо не се случувало на овој план. Сепак, Копач е оптимиста во однос на имплементацијата на реформите во енергетскиот сектор.

– Се е подготвено. Нацрт-законот е готов, има политичка волја, а присутна е и волјата за реформи така што сум оптимиста во однос на ова, рече Копач, додавајќи дека двете прекршочни постапки што се водат против Македонија ќе бидат разгледани на министерскиот совет што најверојатно ќе се одржи во декември.

Сепак, вели Копач, може дотогаш ќе бидат спроведени реформи во Македонија така што тоа ќе биде беспредметно.

Негово лично согледување е дека приоритет во Македонија во однос на енергетскиот сектор треба да биде зајакнувањето на Министерството за економија со човечки ресурси кои имаат познавања од енергетиката бидејќи во моментот, според него, нема доволно административен капацитет во ова Министерство за да се справи со предизвиците.

– Проблемот во Македонија којшто го видов е дека Министерството за економија има многу низок административен капацитет. Имаше многу луѓе кои имаа знаење и кои заминаа во пензија или го напуштија Министерството, така што Министерството е доста слабо во овој поглед. Ова е првиот приоритет за Македонија како држава, односно да го зајакне Министерството за економија со човечки ресурси кои имаат познавања во однос на енергетиката, вели Копач.

Би можело да ве интересира

Во дел од штипските населби проблеми со снабдувањето со струјата

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

Куба повторно остана без струја

Горан Наумовски

Мицкоски: Не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

РЕС нуди до 40 отсто пониски цени на струја од моменталните на пазарот

Горан Наумовски