Претставници на ХОТАМ се сретнаа со министерот за економија Бектеши

Од:

Подобрување на патната инфраструктура, решавање на хаосот во такси превозот, отворање бродски линии Охрид – Струга, хигиената на плажите, спречување на нелојалната конкуренција се само дел од барањата на Здружението за хотелиери, ресторани и кафетерии на Македонија ХОТАМ за подобрување на туризмот во Македонија што ги изнесоа на денешната средба со Министерот за економија Крешник Бектеши.

На средбата која се одржа во Струга, ресорниот министер вети дека Владата ќе ги разгледа сите предлози и ќе работи на нивно спроведување, со цел, како што рече, да се обезбеди подобра клима за туристите во Охридско-струшкиот регион, но и во цела држава.

– Мерките што се предлагаат се во насока на подобрување на туристичката дејност во Струга и Охрид и за цела Македонија, ќе ги анализираме, ќе дискутираме во Владата и се надевам ќе најдеме заедничко решение за нивно реализирање, истакна Бектеши.

Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески информира дека на средбата детално образложиле што ќе се подобри краткорочно, среднорочно и долгорочно во туристичката дејност со примена на мерките. Тој изрази надеж дека во наредните години ќе имаме добра инфраструктура, која ќе го олесни транспортот до туристичките центри, а за полесен транспорт го посочи и отворањето бродски линии што ќе ја зголеми и туристичката понуда.

– Потребно е да се среди и хаосот со такси возилата, да се униформираат таксистите и да се направат такси стојалишта, да нема на едно место 50-100 таксисти што создава лоша слика за туристите. Да се створи ред и кај кајчињата, превозниците да бидат униформирани, секој да има бројче со име и презиме и да се знае цената на услугата. Тоа може многу брзо да се направи, смета Блажески.

Една од предложените мерки, според него, е и хигиената на плажите, но и решавање на проблемот со депониите во Охрид и Струга.

– Актуелен е проблемот со депонијата во Струга, не можеме да направиме нова, но најбрзо што може е да се затвори и никој да нема пристап и намерно да се пали. За жал неколку години ни се случува да се запали ѓубрето и кога нема ветер чадот останува над Струга се чуствува тука. Затоа предлог мерката беше да се огради и да нема пристап до депонијата за да не се пали, потенцира Блажески.

Асим Меџедовиќ, член на ХОТАМ и менаџер во туристичка агенција нагласи дека треба да се работи и на спречување на нелојалната конкуренција и во агенциското работење од страна на човек агенциите каде на јавните места – плоштадите и кејовите се појавуваат нудејќи сомнителни услуги, екскурзии за туристите и така го реметат имиџот на државата со давање сомнителни услуги на гостите.

– Тие екскурзии се даваат на нападен начин на странските туристи од кои веќе имаме реакции. Бараме координативна акција на инспекциските служби, но и активна вклученост на полицијата во спречување на овие девијантни појави. Ние како здружение бараме да се намали ДДВ-то на храната и пијалоците од 18 на 5 отсто за да може хотелиерите и давателите на услуги да дадат поконкурентна понуда и да се спречи нелојалната конкуренција што ја има во овој дел, рече Меџедовиќ.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ