Собранието разгледа годишни извештаи на неколку институции

Од:

До Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) минатата година биле поднесени 359 претставки од кои најмногу се однесувале на злоупотреби на личните податоци на социјалната мрежа Фејсбук. Според Годишниот извештај на ДЗЛП, кој денеска беше на дневен ред на 5. собраниска седница, 145 претставки биле за лажни профили на Фејсбук, а 33 за хакирани профили на оваа социјална мрежа. Лани биле спроведени 308 инспекциски надзори-132 редовни, 157 вонредни и 19 контролни.

Директорот ДЗЛП Горан Трајковски, образложувајќи ја работата на оваа институција, пред пратениците рече дека при планирањето на инспекциските надзори ДЗЛП се раководела и од препораките од извештаите на ЕК за напредокот на земјата за 2016 година и на експертискиот тим на Прибе. Дирекцијата спровела надзор во врска со следењето на комуникациите на граѓаните. Обука на вработени од Дирекцијата била реализирана од страна на странски експерт во рамки на ЕУ Проектот за Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци.

– Мора да се истакне дека обезбедувањето на странски експерт за реализирање на овие активности беше пропратено со одредени потешкотии, поради фактот што на ниво на ЕУ, има многу малку искуства и практики за спроведување надзор во областа на следењето на комуникациите, а од аспект на заштитата на личните податоци, рече Трајкоски.

По обуките, Дирекцијата спровела надзор во Управата за безбедност и контраразузнавање и покрај тоа што до Дирекцијата ниту еден граѓанин не доставил какво било барање или претставка кои би се однесувале на следењето на комуникациите откриени пролетта 2015 година. Како што стои во Годишниот извештај, на 15.12.2016 година е составен Записник, во кој биле утврдени неправилности и повреди, при што на почетокот на 2017 година е донесено и Решение во врска со спроведениот надзор. ДЗЛП извршила и инспекциски надзори над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита и во двата телекомуникациски оператори оне.ВИП ДООЕЛ Скопје и Македонски телеком АД Скопје, како надополнување на веќе спроведениот надзор во УБК.

Минатата година ДЗЛП изработила работен текст на Предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на личните податоци. Меѓу другото се предлага преименување на Дирекцијата во Агенција со цел јасно идентификување и потенцирање на нејзиниот независен и самостоен статус, како и доуредување на одредени прашања од процесно – правен карактер во врска со процесот за спроведување надзор. Изготвена е и нова Стратегија за заштита на личните податоци (2017-2022).

Трајковски посочи дека е потребно соодветно кадровско екипирање на ДЗЛП со стручни кадри кои ќе можат да ги вршат надзорите.

Соња Мираковска од НСДП истакна дека e потребно новата Влада да посвети повеќе внимание на ДЗЛП и оти односот на претходната Влада и институциите ја довеле во ваква позиција.

Пратениците изнесоа забелешки за работата и извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Весел Мемеди обвини дека комисијата треба да се преименува во комисија за поттикнување на корупцијата и пред да почне да работи на спречување на корупција во другите институции да го исчисти „својот двор“. Го обвини претседателот на комисија Игор Тантуровски за неправилности во работењето.

Претседателот на ДКСК Тантуровски го изнесе Извештајот за работата на комисијата и ги отфрли тврдењата на Мемеди за негово неправилно работење. Регистарот на анкетни листови за имотна состојба сега, според Тантуровски, има околу 3.500 листови.

– Во моментов има околу 5.500 илјади анкетни листови за избрани и именувани лица. Веќе е изготвен софтвер преку кој анктените листови ќе можат и во иднина да бидат видливи, но потребни се законски измени за тоа, рече Тантуровски. Во однос на барањата од Извештајот на Прибе, според Тантуровски, тие се реализирани сто отсто, но има и што се во фаза на реализација. Се работи на измени на законот за спречување на корупцијата и оти многу скоро тие преку Министерството за правда треба да влезат во собраниска процедура.

Бетијан Китев од СДСМ рече дека од 2006 година Буџетот на ДКСК постојано се зголемувал, но оти нивната ажурност се намалувала и оти Антикорупциската комисија била во сенка на моќна политичка сила. Забележа за немање контрола врз анкетните листови, злоупотреба на службената положба, немање иницијативност за тоа како се финансираат политичките партии.

На дневен ред на 5. собраниска седница беа и годишните извештаи на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за воедначување на казнената политика, како и извештаите за работата на Судскиот буџетски совет и реализација на Судскиот буџет за 2016 година.

Поради отсуство на претставник на Агенцијата за администрација Извештајот за 2016 ќе се разгледува дополнително.

Би можело да ве интересира

Реџепи: Денеска за малку ќе бевме сведок на нов скандал од страна на претседателот на Собранието

Засега без јавно образложение е одложена денешната седница на Комисијата за контрола на АНБ

Горан Наумовски

Димаљ Баша е новиот претседател на косовското Собрание

13 кандидати за претседател на ДКСК

Собранието одлучи измените и дополнувањата на Изборниот законик да се носат во скратена постапка

Катерина Ѓуровски

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител