Македонската кошаркарска репрезентација до 16 години денес го одржа првиот собир со кој официјално започнаа подготовките за Европското првенство (Дивизија Б) кое од 10 до 19 август ќе се одржи во Софија, Бугарија.
Селекторот Горан Ѓорѓиевски со своите избраници веќе го одржаа првиот тренинг во Маврово.
– Со тоа што сте тука, сте успеале да стигнете до тие 16 кошаркари не значи дека вашето место во оваа репрезентација е загарантирано. Во оваа репрезентација ќе бидат само кошаркари кои напорно работат. Доколку забележам несериозност и непочитување кон националниот дрес верувајте дека нема да се двоумам да ве заменам со некој друг кошаркар кој можеби не успеал да влезе во овие 16, но има почит кон националниот дрес, рече Ѓорѓиевски во обраќањето кон младите кошаркари.
Со оваа кадетска репрезентација ќе работи и Мирослав Георгиевски.
– Интересно е што јас бев тренер на оваа репрезентација во времето кога Горан беше дел од неа. Се познаваме долго време и верувам дека соработката ќе биде како што треба. Вие млади кошаркари сте на возраст кога ќе ви стане јасно дали ќе продолжите активно да се занимавате со овој спорт или пак ќе ја насочите кариерата кон некоја друга страна, накратко Георгиевски им се обрати на кошаркарите.
Пред континенталното првенство во Бугарија, кадетите ќе одиграат четири пријателски натпревари и тоа два против Бугарија (19 и 20 јули), Косово (31 јули) и против Шведска (8 август).
Покрај пријателските натпревари кои ќе бидат одиграни в Скопје, кадетите ќе земат учество и на меѓународен турнир кој ќе се одигра во Истанбул во периодот од 22 до 26 јули.