Во Скопје денеска ќе се одржи завршна конференција на проектот Пристап до правда во Македонија, на која е најавено обраќање на евроамбасадорот Самуел Жбогар.
На конференцијата ќе бидат презентирани наодите од имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош во периодот 2016-2017 година кога и се спроведуваше проектот Пристап до правда во Македонија, како и резултатите од истражувањето за задоволството на граѓаните од добиената бесплатна правна помош (БПП). Ќе бидат презентирани и утврдените недостатоци на системот на БПП со особен акцент на предизвиците со кои се соочуваат здруженијата овластени за давање таква помош и препораките за негово подобрување.
Проектот Пристап до правда во Македонија е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да се придонесе кон подобрување на системот за заштита на човековите права во земјата преку оценување на задоволството од постојниот систем за бесплатна правна помош на граѓаните и утврдување на слабостите од неговото спроведување со цел застапување за негово подобрување.