Пријателите на Шара реагираат на изградбата на патишта во месноста Лешница

Од:

Претставници од невладини организации и физички лица од Полошкиот регион и Скопје, познати како платформа „Пријатели на Шара“ којашто лобира Шар Планина да стане национален парк денеска остро реагираа за последните случувања на планината и пробивање на два пата сосекој со по должина од околу три километри во уникатниот пејсажен реон од Шар Планина – месноста Лешница.

„Пријателите на Шара“ сметаат дека изградба на патишта со употреба на булдозери и друга тешка механизација во срцето на идниот парк, односно зоната којашто во иднина треба да биде строго заштитена зона во паркот е апсурдно и загрижувачко за живиот свет на планината.

– Наместо сите заедно да работиме за заштита на планината во последните 20-тина дена овој предел се уништува со изградба на патишта. Платформата не е запознаена дали патиштата кон Горна Лешница и Џинибег се изградени плански и дали поседуваат елаборат за влијанието врз животната средина. Сметаме дека постоењето на вакви патишта ќе биде закана за живиот свет на Шара, особено она што остана од дивите кози, но и за крупните ѕверови како волкот и мечката, изјави Јован Божиноски, член на платформата Пријателите на Шара и претседател на планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.

Според „Пријателите на Шара“, штетата нанесена од овие патишта е ненадоместлива и освен што се закана за биодиверзитетот, со нив се уништени голем дел од уникатните планински патеки, пејсажната и туристичката вредност на локалитетот. Со овој потег, според нив, вредноста на туристичката понуда на Шар Планина во регионот и во Македонија е намалена и веќе никогаш нема да е иста.

Платформата во изминатите три години го испитуваше и јавното мислење и расположението на локалното население во врска со прогласувањето на Шар Планина за национален парк.

-Од нашата досегашна работа, добивме позитивни сигнали од локалното население во врска со идното прогласување на паркот. Тоа го покажа и истражувањето што го спроведовме пред една година, коешто покажа дека дури 83 отсто од локалното население нема против Шара да стане национален парк. Бидејќи идниот парк треба да поседува и вредности за заштита апелираме градењето патишта на Шар Планина да престане, бидејќи природата не простува и овој предел е значаен за заштита, изјави Метин Муареми, член на платформата „Пријатели на Шара“ од невладината организација Центар за едукациоја и развој од Теарце.

Лешница е едно од најзначајните места на Планината од пределски аспект, геоморфолошки, геолошки и е богата со биодиверзитет. Овој предел во идното заштитено подрачје, според повеќе експерти, треба да влезе во строго заштитена зона. Според професорот Љупчо Меловски од Природно-математичкиот факултет во Скопје, Лешница е најважниот предел за заштита на Шар Планина од повеќе аспекти.

-Таму се единствените смрчеви, смрчево-елови и елови шуми кај нас, таму се варовничките карпи кои поддржуваат многу значајни видови и популации. Досега од Шара во 80-те години исчезна последниот брадест мршојадец, тоа е најголемата птица и најзначајна во Европа, потоа исчезна во 90-тите години и балканскиот рис од долината на реката Пена којшто последен пат е регистриран во 1995 година. А со изградба на овие патишта се заканува и опстанокот на балканската дивокоза, бидејќи нејзината популација е драстично намалена во последните години, изјави Меловски.

Пријателите на Шара најавија дека наскоро ќе отпочнат и кампања против урбанизација на Шар Планина и апелираат нелегално ново изградените патишта на Лешница и цела Шар Планина да се затрупаат и да не се користат за да се зачува биодиверзитетот којшто утре треба да биде заштитен знак на националниот парк. Според нивните проценки, доколку патиштата се затрупаат и не се користат природата и биодиверзитетот може да се врата во првобитна состојба за околу 20 до 30 години, додека со направената штета значително е намален туристичкиот потенцијал и пејсажната убавина на Лешница.

Во Лешница денеска беше и Живко Темелковски кој е член на Федерацијата на планинарски споретови на Македонија.

-Јас сум се искачил на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв 265 пати досега и особено атрактивна е патеката што оттаму преку Кривошиските водопади, Горна и Долна Лешница води до Попова Шапка. Според многу планинари од целиот Балкан, Лешница е еден од најубавите недопрени природни ресурси во поранешна Југославија. Тука немав дојдено околу три година и тоа што го видов денеска со пробиените патишта низ дивината ме запрепасти, бидејќи природтата е унакажана, а јас се чуствувам како некој мене да ме дере со нож по телото, рече Темелковски.

Од тетовската полиција информираа дека на 9 јуни добиле пријава за узурпација на државно земјиште и сеча на шума од Долна Лешница кон Горна Лешница и од Долна Лешница кон Џинибег. Веднаш следниот ден на 10 јуни бил извршен увид на посочените месности и било установено дека патиштата се пробиени да се олесни пристапот до бачила. Согласнот била добиена од јавното претпријатие Македонски Шуми – подружница Лешница од Тетово и Агенцијата за пасишта, а истрагата работи на утврдување дали согласностите се добиени по законски утврдена процедура, посочија од тетовската полиција.

Иницијативата за Шар Планина да стане национален парк е стара скоро 20 години и на државно ниво досега има дојдено до највисоко ниво, односно формирана е експертска група за валоризирање на природните и социо-економските вредности на Шар Планина, а се подготвува и Студијата што е потребен документ за отпочнување на постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк. За жал и покрај овој долгогодишен процес, којшто за неколку години може да резултира со заштитено подрачје, во Полошкиот регион природните ресурси и планината се постојано под негативен притисок од човеково влијание, велат од Пријателите на Шара.

Би можело да ве интересира

За една година изградивме 70 километри експресни патишта и автопат, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Стојаноски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ за една година изгради и пушти во употреба 71.2 километри експресен пат и автопат, следуваат нови делници

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози

Сообраќајот на државните патишта во зимски услови, по наместа влажни коловози

(ВИДЕО) Новиот пат кон велешко езеро има променлива ширина, но во најголем дел таа е пет метри, тврдат од Државни патишта

A1on

Поради свлечиште во прекин сообраќајот на патот Крива Паланка – село Луке

Ана Ололовска