Бомбардирањето на некогашна Сојузна Република Југославија беше експериментална војна на НАТО, изјави пензионираниот италијански генерал на Алијансата и воен дипломат Бјаџо ди Грација, кој прави паралела меѓу тоа бомбардирање и фрлањето на атомска бомба врз Нагасаки.
– Тоа беше експериментална војна, која на НАТО му послужи, меѓу останатото, да ја тренира својата авијација во напад, каде има неспоредлива диспропорција меѓу оној кој напаѓа и оној, кој се брани, вели Ди Грација.
Тој ова го кажа во интервју за „Политика“, кое го даде минатата недела додека престојуваше во Србија по повод објавувањето на неговата книга „Зошто НАТО ја бомбардираше Србија“, во која ги преточил своите искуства од работата.
Коментирајќи ја паралелата, која ја прави меѓу бомбардирањето на СРЈ и атомската бомба во Нагасаки, Ди Грација вели дека „ако атомската бомба фрлена врз Хирошима делумно може да се сфати како воена акција, таа следната фрлена на Нагасаки, во момент кога Јапонија веќе прифаќа капитулација, го означи почетокот на Студената војна и беше своевидна порака на САД до Советскиот сојуз“.
– А со бомбардирањето на Србија на Русија и е испратена порака за тоа кој е победник во Студената војна. И ништо од тоа не е вина на Србија, која стори се што можеше, бидејќи меѓународните околности биле такви да Русија беше слаба, нагласи тој.
На констатацијата дека бомбардирањето на кинеската амбасада се толкува како тогашно предупредување на Западот до Кина, Ди Грација, нагласи дека тоа е негов личен заклучок, „баш како и тоа дека целокупното бомбардирање на СРЈ било предупредување за ослабената Русија“.
Сега, како што вели, ситуацијата е сосема поинаква.
– Зошто никој во овој момент не размислува за бомбардирање на Северна Кореја? Поради нуклеарното оружје, но и фактот дека зад неа стои Кина, која во меѓувреме зајакна. Исто така и Русија го врати епитетот на супер сила, а она што го стори со Грузија, Молдавија и особено Крим е слично на она што НАТО го стори со Косово. Поради тоа Косово во 1999 година беше единствен пример, кој нема да се повтори, вели Ди Грација.