Промовирање на Балканот без граници како заеднички туристички бренд

Од:

Стотина претставници на државни институции задолжени за развој на туризмот, хотелиери и тур-оператори од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Косово учествуваат на втората Регионална конференција на Балканската асоцијација на здруженијата на хотелиерите (БАХА), што се одржува во Охрид

Целта на средбата е промовирање на Балканот во туристички бренд, а преку координиран настап на државните членки на Асоцијацијата поголем бенифит од туризмот како значајна стопанска гранка.

Крсте Блажески, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) истакна дека позитивните ефекти од веќе воспоставените кружни балкански тури се веќе видливи, како надополнување на севкупната туристичка понуда на Република Македонија.

– Она што е наша замисла е како членки на БАХА да придонесеме за олеснување на протокот на туристите меѓу државите од регионот, практично да го промовираме Балканот како заедничка туристичка дестинација, рече тој.

Потсекретарот за туризам на Владата на Војводина Иван Џоковиќ истакна дека БАХА е првата регионална иницијатива која ги препозна современите туристички текови, кои укажуваат дека иднината во развојот на туризмот е во промовирањето на поголеми туристички дестинации.

– БАХА сака да ги спои сите држави од регионот, да ги надмине политичките бариери и своите туристички понуди да ги спои и спакува во една целина, која ќе носи економска добивка на локалните самоуправи и хотелиерите како носители на туристичката индустрија во регионот, рече тој.

Како пример на бенефит од веќе воспоставената соработка тој го посочи отворањето на српскиот туристички пазар за кинеските гости преку директната авионска линија, што се цени како можност за привлекување на туристи од огромниот кинески пазар за сите држави од регонот.

Милош Миловановиќ, еден од експертите кои во рамки на конференцијата во Охрид ќе има предавање посветено на промовирањето на Балканот како регионален туристички бренд, како главна препрека во таа насока го посочи дисконтинуитетот во активностите што секоја од државите во регионот ги презема за развој на туризмот.

– Мора да постои долгорочен план за развој врз чија основа ќе се пласираа некој туристички бренд. Секоја од државите во регионот има своја стратегија, но брзите политички промени резултираат со дисконтинуитет во политиките кога е во прашање туризмот. Тука се и цела низа административни препреки, преклопувања во надлежностите, а промовирањето бренд бара координиран план и стратегија осмислена на долг рок, рече тој. Како консултант тој истакна дека постои волја за соработка и унапредување на дејноста, но недостасува знаење и негова соодветна примена.

Координаторот на конференцијата во Охрид Дончо Танески од своја страна истакна дека дванаесет години после формирањето на БАХА преостанува најтешката работа, сето досега разговарано и осмислено да стане оперативно.

– Колегите од фелата напорно работат, очекуваме наскоро Балканот да стане дестинација без бариери, со слободен проток на луѓе, заеднички програми, сето со очекување на позитивни економски резултати, рече тој.

Од собирот во Охрид ќе произлезат конкретни заклучоци што ќе бидат проследени до државните и локалните институции, од кои се очекува да помогнат во реализација на замислата за промовирање на Балканот без граници како регионален туристички бренд.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ