Насилството врз жените и семејното насилство е сериозен проблем во општествата и потребен е политички ангажман за справување со него. Чекор во вистинска насока е ратификацијата на Истанбулската конвенција, која има нулта толеранција кон овој облик на насилство.
Ова го истакна фанцускиот амбасадор Кристиан Тимоние кој синоќа во француската резиденција приреди прием за собирање донации за Организацијата на жени на Град Скопје (ОЖС) која го води Шелтер центарот за жртви на семејно насилство, а на кој присуствуваа претставници на диппломатскиот кор и припадници од бизнис заедницата.
-Првата работа за помош на жените жртви на насилство е да ги сослушаме, а потоа и да ги згрижиме. За нас политичарите обврската останува да ги подобриме нештата, но уште повеќе да ја подобриме и законската рамка. Ја користам приликата да ги повикам македонските власти да ја ратификуваат Конвенцијата од Истанбул, со која треба да се спречи секаков вид семејно насилство врз жените, рече Тимоние.
Тонка Дилевска претседател на ОЖМ заблагодарувајќи се за соработката и поддршката, како што рече, прва од овој вид, истакна дека таа е потребна бидејќи, нагласи, за жал, семејното насилство во земјата е во подем.
– Се поголем е бројот на жртви на семејно насилство кои што бараат засолниште, кои бараат излез од таква насилна ситуација и засолниште во Шелтер центарот каде работат исклучиво стручни лица од сферата на семејното насилство, рече Дилевска изразувајќи надеж дека овој пример ќе поттикне и други за поддршка на нивната работа.
Таа посочи дека Република Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција, но се уште не ја ратификува и најави дека во таа насока очекува соработка со новата министерка за труд и социјална политика со што ќе се овозможи примена на оваа конвенција.
Шелтер центарот и Националната СОС линија (02) 15 700 е долгорочен проект на Организацијата на жени на Град Скопје за жртви на семејно насилство и е првиот волонтерски сервис од овој карактер што и помага на оваа ранлива група. Постои од 1995 година и се смета за суштински елемент во процесот на справување со овој општествен проблем, а негова мисија е да обезбеди психосоцијална помош, сигурен и безбеден престој, храна, облека и здравствени услуги на жени жртви на насилство. Досега Шелтер центарот има згрижено преку 320 жртви на семејно насилство.
Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството над жените и смејното насилство е донесена на 11 мај 2011 година во Истанбул и се смета за најдалекусежен меѓународен договор кој се занимава со овој вид сериозна повреда на човековите права.