По претставниците на малцинствата во Албанија, денеска со официјален став дека не ги признава пописните резултати се огласи и Албанската афтокефална православна црква, јави дописникот на МИА од Тирана.
– Процентот од 6,75 отсто колку што Институтот за статистика на Албанија тврди дека има православни во Албанија е нереален и лажен, навредлив за православните, за христијаните и тој го замрачува целокупниот изглед на верските заедници во земјата, стои во соопштението во кое се тврди дека во земјата на православниот свет му припаѓаат 24 отсто од граѓаните.
Според Црквата, начинот на кој е спроведен пописот за верската припадност ни минимално не ги запазило стандрадите за попис кои ги алицираат европските земји. Таа смета дека прашањето требало да биде со задолжителен одговор.
Во анкетата што во албанските цркви била спроведена по неделните миси, на 9 и 16 декември, прашани биле 7118 верници, при што 2469 одговориле дека биле посетени и прашани од попишвачите додека останатите дека никој не ги прашал за нивната верска определба.
Албанската афтокефална православна црква го завршува соопштението со одлуката за непризнавање на податоците за верската припадност на населението од пописот реализиран во октомври 2011 година.
Претходно, претставниците на македонското, грчкото, влашкото, ромското и српско-црногорското малцинство во Тирана потпишаа Декларација против официјалните резултати од пописот.