Американското воено воздухопловство ќе распореди во Велика Британија бомбардери Б-52 и 800 војници, како поддршка на заедничките вежби во Европа со НАТО сојузниците и партнерите, кои треба да се одржат овој месец.
Авионите Б-52, кои можат да носат нуклеарно оружје, ќе се користат во маневрите кои ќе се одржуваат главно во земјите во близина на Русија – посебно на Балтичко Море, Арктикот и долж границата со Русија, во државите кои се членки на НАТО.
Воените вежби се дел од претходно договорените планови за обука.
– Обуката со сојузниците и заедничките партнери ќе ја подобри координацијата меѓу нив и ќе му овозможи на американското воено воздухопловство да изгради долгорочна соработка која е потребна за давање отпор кон големите глобални предизвици, се наведува во соопштението на американските ВВС.
Б-52 е најстар активен модел на авиони во военото воздухопловство на САД, кој е првично дизајниран за долги интерконтинентални летови. Секој авион може да носи до 31.751 килограм бомби, мини и ракети.