Левица: Очекуваме новата влада да стави крај на корупцијата и клиентелизмот

Од:

„Левица го поздравува крајот на авторитарното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. Наместо да донесе позитивни промени во однос на состојбата пред 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери за време на своето владеење ги згазија слободата и демократијата и создавајќи „поволна бизнис клима“, ги влошија работничките права и го осиромашија народот.

Новата влада пред себе ќе има важна и одговорна задача. Треба да ја врати и унапреди демократијата во земјата и треба да преземе мерки да ја подобри материјалната состојба на огромното мнозинство граѓани што осиромашија во периодот од стекнувањето на независноста до денес. Таа не смее да го користи начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ како дозвола или изговор за да владее на ист или сличен начин. Не смее ниту да владее на оној начин како што владееше до 2006 година. Затоа што и тогаш се спроведуваа мерки што доведоа до осиромашување на народот и незадоволително ниво на демократија.

Левица очекува од новата влада да стави крај на корупцијата и клиентелизмот. Не смее да ја продолжи практиката на поставување на раководни функции на „заслужни партиски кадри“ и наместо тоа пополнувањето на раководните функции треба да го врши преку распишување конкурси на кои ќе бидат избрани најквалификуваните кандидати, без разлика дали се членови на партии или не. Во обратен случај, ќе се сфати дека борбата против режимот за некои не беше борба за демократија, туку борба за фотелји.

Левица ќе ги поздрави оние мерки на новата влада кои ќе значат подобрување на животниот стандард на обичниот народ и кои ќе ја унапредат демократијата. Но, Левица ќе ги критикува мерките што нема да го овозможуваат тоа, мерките кои ќе претставуваат празна фасада за замајување на јавноста, како и отстапувањето во практиката од прокламираните принципи.

Во врска со кадровското екипирање на владата, Левица изразува големо незадоволство поради продолжувањето со старата практика на поставување претставник на крупниот капитал за вицепремиер за економски прашања. Ваквото отворено зафаќање на страната на капиталот наместо на трудот не влева надеж дека ќе се води политика во корист на обичниот народ, а не на бизнис елитата. Исто така, Левица го осудува назначувањето на преголем број министри без ресор. Во тоа Левица гледа и најава дека и при пополнувањето на раководните функции во институциите ќе се врши распределба по партиска припадност наместо преку конкурс да се утврдат најквалификуваните кандидати“, се вели во соопштението на Левица.

Би можело да ве интересира

Пратениците од Левица поднесоа интерпелација за претседателката на Комисијата за социјална политика Даути за законот за бранители

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчев: Нашиот левичарски нарав е таков – за сестра се умира

(ВИДЕО) Јовановска: На народот му врие, преку глава му е од овие политички препукувања

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија

(ВИДЕО) Мециновиќ: Народот заслужува одговори – ДПМНЕ му сервира пцости и насилство

Баџанакот на Тошковски “победи” студент на генерација и стана доцент обвинува Левица