Во Кратово денеска ќе се одржи работилница за управување со инвестициски инфраструктурни проекти за општините и комуналните претпријатија од североисточниот плански регион.
Работилницата е во организација на проектот „Развој на национална студија за води“, финансиран од Европска Унија, имплементиран од „Ептиса“, а каде корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Водата за пиење во Македонија има високо ниво на покриеност од 90 отсто, но во исто време постои високо ниво на исчезната вода од околу 30-75 отсто најмногу поради ненаплатена потрошена вода, протекување на мрежите и неовластено конектирање на водоводниот систем, што укажува на потреба од обновување на водоводната мрежа и подобрено управување. Од друга страна, урбаните отпадни води се голем придонесувач за загадувањето на нашите водни токови. Тие, пред да се испуштат во реките, треба да се третираат во соодветни пречистителни станици за отпадни води за да не ги загадат површинските и подземните води. Потребна е изградба на пречистителни станици, кои исто така треба да се одржуваат и бараат ефикасно управување, изјави Ратка Пемова, експерт за комуникации и видливост од Ептиса.
За спроведување на сето ова во секторот води во следните неколку години ќе бидат потребни инвестиции во вредност од околу 750 милиони евра.
– Овие инвестиции се неопходни за обезбедување на безбедна вода за пиење насекаде во земјата, како и за заштита на реките во Македонија од загадување со урбани отпадни води. Оваа инвестициска програма од голем обем, со која Македонија ќе ги постигне стандардите на ЕУ за секторот води, мора внимателно да се планира и да се управува. Токму затоа се спроведува проектот „Развој на Национална студија за води“ кој ќе ги идентификува инвестициите кои мора да се вклучат во програмата на национално ниво, особено со цел да се исполнат барањата на Директивите на ЕУ за третман на урбани отпадни води и за вода за пиење, додаде Пемова.
Студијата ќе направи приоретизација на проектите и ќе подготви краткорочни, тригодишни, среднорочни, шестгодишни и долгорочни, дванаесетгодишни пакети за инвестициски активности.
На работилницата ќе се промовира упатство или прирачник кој што проектот го подготвува за јавните комунални претпријатија и општините со цел тие полесно да можат да го испланираат овој комплициран процес на планирање на инвестиции и барање на средства. Вториот пак дел од работилницата ќе се занимава со опциите за системите за собирање на отпадни води, како и пречистителни станици, заради тоа што јакнењето на капацитети на оваа тема е директно поврзано со инвестирањето во водната инфраструктура.