Во малата сала на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечер концерт ќе одржат Александра Коцевска, мецосопран во пијано придружба на Глигор Гелебешев. Кумановци ќе имаат можност да проследат дела од Шопен, Стојков, Рахмањинов, Чајковски.
– Ги покануваме љубителите на сериозната музика да присуствуваат на овој концерт, изјави Роберт Цветковски, од кумановскиот Центар за култура.
Мецосопранот, Александра Коцевска дипломирала на ФМУ-Скопје во класата на проф. Благојче Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по музика во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. За време на својата педагошка кариера бележи големи успеси со своите ученици на бројни меѓународни натпревари. Од 2015 година се враќа на концертните подиуми по што реализира концерти во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев во градовите низ Македонија. Бележи настапи и во организација на Амбасадите на Србија и Полска.
Пијанистот,Глигор Гелебешев по магистрирањето на ФМУ-Скопје 1997 година, ја започнува својата кариера како солист и камерен музичар. Како солист настапувал на голем број концерти во земјата и странство, концерти со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар при Македонската филхармонија. Од 2001 година со својата сопруга Катерина Гелебешева-Костадиновска го формираат пијано-дуото Гелебешеви кое со голем успех настапува на најзначајните фестивали во земјава – Охридско лето, ДММ, Златна лира, Интерфест Битола, но и на бројни концерти во Франција, Полска, Романија, Србија, Бугарија, САД, Холандија, Словенија, Турција, Италија. За високите уметнички дострели дуото ја добива наградата „Златна лира 2012“.