Македонската филхармонија приредува еден несекојдневен настан. Во новата концертна сала, на 1 јуни со почеток во 20 часот, ќе се одржи симфониски концерт под наслов „Видеоигра“, на кој ќе биде изведена музиката од најпознатите видео игри во светот, меѓу кои и од: Final Fantasy, The Legend of Zelda, Super Mario, Angry Birds, Grand Theft Auto, Battlefield, Pokemon, Tetris, World of Warcraft…
Концертот ќе се одржи под диригентската палка на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, еден од најистакнатите диригенти во Европа.
„Видеоигра“ ќе донесе иновативност и ќе им даде поинаква визура на симфониските концерти. Првпат во Македонија ќе се изведува музика од најпопуларната форма на забава во светот, аранжирана за голем симфониски оркестар. Всушност, еден од главните сегменти во изработка на видеоигрите, особено во последните две децении, е музиката, на која ѝ се пристапува мошне сериозно и така таа добива, на некој начин, филмска димензија. Често, за автори на музиката за видеоигрите се ангажираат и некои од големите композитори на филмска музика. Денес, музиката за видеоигрите е дел од репертоарот на сите големи симфониски оркестри во светот.
Концертот „Видеоигра“ е и можност за љубителите на музиката да ја посетат новата концертна сала на Македонската филхармонија, изградена по сите светски стандарди, и да уживаат во новата акустика.