Лидерите на земјите од Г-7 се договорија да им помогнат на земјите од кои пристигнуваат мигранти, се наведува во заедничкото соопштение, кое ќе биде објавено утре по завршување на средбата на врвот на седумте најразвиени држави.
– Потребно е да се изработи план за решавање на вонредната ситуација, но и стратегија за управување со миграцијата на долгорочен план. Се договоривме да им помогнеме на земјите да создадат услови за искоренување на причините за масовно мигрирање од нив, се наведува во предлог-документот.
Во текстот се потврдува дека е неопходно да се почитуваат правата на мигрантите и бегалците, но притоа суверените држави да имаат право да ги контролираат сопствените граници и да поставуваат ограничувања за прием на мигранти, бидејќи „тоа е главен услов за нивната национална безбедност и економскиот просперитет“.
Средбата на врвот на Г-7 започна денеска во италијанскиот град Таормина на островот Сицилија.