Намалувањето на невработеноста во услови на светска криза е позитивен сигнал и потврда за добрите политики на Владата, изјави денеска во Собранието на РМ вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Новиот податок за невработеноста е 30,6 проценти, стапка која што е најниска од 2004 година наваму во услови кога во сите европски земји се зголемува драстично, а во некои земји невработеноста во последните години двојно е зголемена. Фактот дека во РМ таа се одржува на пониско ниво отколку што беше пред кризата покажува дека овие политики што ги водиме, посебно во делот на Буџетот и капиталните инвестиции, како и странските директни инвестиции помагаат да се задржат работни места, а некаде и да се отворат нови работни места. Иако, како ниво е сеуште високо, сепак е позитивен сигнал во вакви времиња, рече Ставрески.
Стапката на невработеност во Македонија во третиот квартал изнесува 30,6 проценти и бележи намалување во однос на претходниот кваратал кога беше 31,2 отсто.