САД немаат намера да преговараат со Унгарија за новиот закон за високо образование, кој може да го принуди Централноевропскиот универзитет, основан од американскиот финансиер Џорџ Сорос, да ја прекине работата во оваа земја, соопшти синоќа Стејт департментот.
– Унгарската Влада треба да преговара директно со засегнатите институции, за да пронајде решение, кое ќе им овозможи да работат слободно и ќе им даде поголеми образовни можности на граѓаните на Унгарија и регионот, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Унгарскиот Парламент минатиот месец усвои закон, со кој се поставуваат потешки услови за лиценцирањето на универзитети, базирани во странство. Законот предизвика серија протести против Владата на Виктор Орбан.
Орбан предложи преговори со САД за законот, изјавувајќи дека реформите се неопходни со цел сите универзитети во Унгарија да бидат ставени во еднаква положба. Но вчерашниот одговор стави крај на надежите за компромис преку преговори со Вашингтон.
– Владата на САД нема надлежности, ниту планира да учествувба во преговорите за работата на Централноевропскиот универзитет или други универзитети во Унгарија, се додава во соопштението на Стејт департментот.
Вашингтон повторно ја повика Унгарија да го стопира имплементирањето на законот, но Будимпешта ги отфрла обвинувањата дека реформите се дискриминирачки или дека претставуваат закана за академската слобода.
Европската комисија изготвува правни мерки против Унгарија поради новиот закон, а Европскиот парламент ја прекори Будимпешта, при што европратениците ова го означија како сериозно влошување на состојбата на владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права.