Новиот објект на Македонската филхармонија со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики според сите светски стандарди, ќе биде отворен вечер во 19 часот со ексклузивен концерт на Филхармонијата, на кој како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески.
Македонската филхармонија, која е најстара институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, новиот објект го добива по 73 години од постоењето.
Концертот ќе биде под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази од Русија. Ќе бидат изведени дела од Трајко Прокопиев – суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“, Сергеј Прокофјев – концерт за клавир и оркестар бр. 3 во C-dur, оп. 26 и од Петар Илич Чајковски – симфонија бр. 5 во e-moll оп. 64.
Ашкенази истакна дека е импресиониран од концертната сала која, како што рече, има добра акустика. Трпчески, пак, посочи дека е почестен што е поканет да настапи на отворањето на новата концертна сала и што ќе има можност повторно да соработува со маестро Ашкенази.
Воодушевување од начинот на работа на Ашкенази изрази директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ.
Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.
Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа..
Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Во целиот процес на градбата на објектот се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.
Набавена е и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за нив.