Мене ми е јасно дека во јавноста постојат обиди, пред сè од политичари од опозицијата, во недостаток на аргументи, во недостаток на конкретна понуда на граѓаните, по секоја цена да настојуваат да прикажат една лоша слика за Република Македонија, и пред домашната, но и пред меѓународната јавност, меѓутоа некако веќе стана правило на кое се навикнавме истите тие политичари постојано да зборуваат за некакви сценарија инволвирајќи ги и соседните држави и за некои безбедносни кризи, и притоа да користат еден мал број на медиуми преку кои ги пласираат своите тези верувајќи дека нема да биде побарано мислење од другата страна, односно нема да бидат цитирани бројките, меѓутоа бројките покажуваат нешто што е сосема поинакво и ако јас се обидам да ви дадам еден краток и прецизен одговор на ова прашање, тогаш несомнено безбедносната состојба во Република Македонија веќе подолг период е непроменета, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во интервју за „Радио Слободна Европа“.
– Ние во ниту еден момент не тврдиме дека во општеството нема проблеми. Илузорно е да се тврди такво нешто бидејќи сите ние и како граѓани пред сè сме сведоци на проблеми од различен тип што се појавуваат во општеството, меѓутоа, она што е релевантно е дека има тренд на намалување, односно трендот е негативен, што значи дека состојбите се подобруваат, нагласува Јанкулоска.
Таа додава дека неодамна имало и една средба меѓу претседателите на двете најголеми партии од владејачката коалиција, која се однесувала токму на испраќање на јасни и недвосмислени пораки за важноста на соживотот во Република Македонија, за важноста на добрите меѓуетнички односи и за важноста на промоција на толеранцијата.
– Обвинителството во сите активности во кои заедно сме биле инволвирани, макотрпно и посветено работи во насока или во функција на докажување на кривичните дела за кои ние имаме сомневања и ние високо ја цениме работата на обвинителството. Судската власт е независна, таму условно речено важат други правила на оценка на доказите, правила на судиско убедување, но она што мене ме радува е што еден огромен процент од кривичните пријави што ние сме ги поднеле до Обвинителството, а потоа обвинителството ги застапувало пред судовите, завршиле со осудителни пресуди, значи се потврдило дека полицијата добро ја сработила својата работа, нагласува Јанкулоска.