Малезија депортира тројца Турци во Анкара поради сомение за поврзасност со групацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого турските власти го обвинија дека стои зад обидот за преврат минатата година.
Властите во Малезија минатата недела ги приведоа директорот на училиште Тургај Караман (43), бизнисменот Ихсан Аслан (39) и академикот Исмет Јозчелик (58), со образложение дека претставуваат закана за националната безбедност.
Организациите за заштита на човековите права се сомневаат дека мажите во Малезија се приведени под притисок на Турција.
Генералниот инспектор на полицијата во Малезија Халид Абу Бакар изјави денеска дека тројцата мажи биле депортирани вчера поради сомнение дека се членови на групацијата на Ѓулен.
– Турската Влада ги поништи нивните документи. Со тоа нивното присуство во Малезија е незаконско и тие имаат статус на нелегални имигранти, изјави Халид.
Турските власти уапсија 49 илјади лица во врска со обидот за преврат, а околу 145 државни службеници, полицајци и академици беа отпушени од работа.