По повод 40. годишнината од формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков“ во Торонто се одржа донаторска промоција на јубилејното издание на монографијата за македонскиот национален деец, иселеник и повратник од САД Атанас Близнаков од Славе Катин.
Делото е на македонски и англиски јазик, издание на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Монографијата беше претставена пред голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија, а во рамки на активностите на катедралната Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ и Клубот на пензионерите „Гоце Делчев“ од Торонто, Канада.
За монографијата зборуваше ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, а присутните ги поздравија проректорот на УКИМ д-р Билјана Ангелова, генералниот конзул на Република Македонија во Торонто д-р Јовица Палашовски, свештеникот Благе Димитриевски и авторот на монографијата Славе Катин.
Ова е трето претставување на монографијата „Атанас Близнаков“ на северноамериканскиот континент, која е посветена на најголемиот македонски донатор во иселеништвото – Атанас Близнаков (15.12.1901 – 10.07.1998).
Според авторот, Близнаков не бил обичен печалбар, туку како личност настојувал да навлезе во суштината на македонската судбина, слобода и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што, како што се наведува, се издигна над времето во кое живееше.
– Со формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков“ тој даде драгоцен придонес за Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време таа претставува поттик и инспирација за Македонците во дијаспората, смета авторот Катин.