Кошаркарките на Бадел ја одбранија шампионската титула откако во финалето од плеј офот ги совладаа кошаркарките на Вардар со 3-0 во победи. Синоќа во третиот натпревар од финалната серија Бадел оствари триумф од 73:43. На првите два дуела Бадел победи со 68:45 и 78:45.
Најефикасна на дуелот беше Нена Трајчевска со 17 поени и воедно го доби признанието МВП на финалето, додека Александра Лазаревска постигна 10 поени, двете од редовите на шампионот. Кај Вардар Симона Деловска постигна 13 поени.
За Бадел ова беше четврта титула освоена во серија, а вкупно дванаесетта. Кошаркарките на Вардар оваа сезона покрај играњето во финалето на плеј офот го освоија пехарот во Купот на Македонија.