„Сметам дека е крајно непотребно и крајно неиздржано некои политичари да се обидуваат да го градат сопствениот рејтинг или рејтингот на нивната партија преку импровизации и шпекулации по однос на безбедноста на Република Македонија или дотолку повеќе преку обиди да се нарушат меѓуетничките односи“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според неа, во јавноста постојат обиди, пред се, од политичари од опозицијата, во недостиг на аргументи, и на конкретна понуда на граѓаните, по секоја цена да настојуваат да прикажат лоша слика за Република Македонија, пред домашната и пред меѓународната јавност.
– Меѓутоа некако веќе стана правило на кое се навикнавме истите тие политичари постојано да зборуваат за некакви сценарија инволвирајќи ги и соседните држави и за некои безбедносни кризи, и притоа да користат еден мал број медиуми преку кои ги пласираат своите тези верувајќи дека нема да биде побарано мислење од другата страна, односно нема да бидат цитирани бројките. А бројките покажуваат нешто што е сосема поинакво и ако јас се обидам да ви дадам еден краток и прецизен одговор на ова прашање, тогаш несомнено безбедносната состојба во Република Македонија веќе подолг период е непроменета, вели Јанкулоска.
Министерката додава дека не тврдат дека во општеството нема проблеми.
– Илузорно е да се тврди такво нешто, бидејќи сите ние и како граѓани пред се сме сведоци на проблеми од различен тип што се појавуваат во општеството, меѓутоа, она што е релевантно е дека има тренд на намалување, односно трендот е негативен, што значи дека состојбите се подобруваат, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во интервјуто за Радио Слободна Европа.