Осум ученици од средното oпштинско училиште „Коле Нехтенин“-Штип се вратија со награди од државниот натпревар за средни електро-машински и сообраќајни училишта во земјава, информираше денеска на прес-конференција Атанас Крстовски, директор на СОУ „Коле Нехтенин“-Штип.
– Можеме да кажеме дека во екипна конкуренција сме најдобри во Македонија – од вкупно 32 училишта регистрирани во Здружението, а активни 27 училишта, рече Крстовски.
Тој истакна дека учениците кои своето знаење го покажаа на државниот натпревар се вратија со први, втори и трети награди. Според него, резултатите на учениците говорат дека училиштето и професорите се грижат за реализирање квалитетна настава.
– Учениците веќе ги препознаваат профилите, кои се профили на иднината. Училиштето располага со наставен кадар. Значи, не може еден ученик да биде награден ако зад него нема добри ментори. Мислам дека иднината е во изучувањето на техничките струки, рече Крстовски.
Во тек е и изработка на иновации од страна на учениците, со кои ќе се натрпреваруваат на следните државни натпревари, а минатиот месец учениците за изработка на веб-страница ја зедеоа и втората награда на натпреварот на МАСУМ.